Ekipa
22 Јули 2020•Ажурирај: 23 Јули 2020
ДОХА (АА) - Националната авиокомпанија на Катар „Катар ервејс“ (Qatar Airways) денес поднесе четири меѓународни барања за арбитража, барајќи отштета од пет милијарди долари од блокот земји предводени од Саудиска Арабија кои кон средината на 2017 година воведоа блокада на оваа заливска земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Одлуката на овие држави да го блокираат и спречат „Катар ервејс“ да работи во нивните земји и да лета над нивниот воздушен простор претставува очигледно кршење на конвенциите за цивилно воздухопловство и неколку обврзувачки договори чии потписнички се“, се вели во соопштението на главниот извршен директор на „Катар ервејс“ Акбар ал Бакер.
Тој порача дека авиокомпанијата одлучила да ги искористи сите расположливи правни можности за да ги заштити своите права.
„Откако немаше резултати по повеќе од тригодишни напори кризата мирно да се реши преку дијалог, донесвме одлука за поднесување на барањата за арбитража како и искористување на сите правни механизми за заштита на нашите парава и обезбедување полна отштета за прекршувањата“, изјави Ал Бакер.
Компанијата бара отштета од најмалку пет милијарди долари од четири земји поради затворање на своите воздушни простори за „Катар ервејс“.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет и Бахреин во 2017 година воведоа блокада врз Катар. Четирите заливски земји ги прекинаа дипломатските односи и го блокираа воздушниот простор, а властите на Саудиска Арабија ја затворија и копнената граница со Катар.
Овие четири држави ја обвинуваат официјална Доха за поддршка на терористичките организации, што Катар силно го отфрла и саудиското ембарго го смета за очигледно кршење на меѓународното право.
Кувајт, Оман, а подоцна и САД и Европската Унија покренаа иницијативи за решавање на заливската криза но ништо од тоа не придонесе за ддеблокада на Катар.