Islam Uddin
17 Јули 2025•Ажурирај: 17 Јули 2025
АНКАРА (АА) – Повеќе од 6 милиони луѓе во индонезиската престолнина Џакарта се погодени од акутни респираторни инфекции како последица на сѐ посериозното загадување на воздухот, соопшти индонезискиот министер за животна средина, јавува Анадолу.
Ханиф Фаисол Нурофик денес изјави дека квалитетот на воздухот во одредени делови на Џакарта достигнал опасно ниво, според онлајн медиумот Џакарта глоуб.
Тој предупреди дека загадувањето во северните квартови на Џакарта драматично се зголемило до пладне, што го потврдиле податоците во реално време од апликациите за квалитет на воздухот како IQAir, како и од јавните мерни станици.
„Главните извори на загадување во Џакарта се индустриските емисии и камионите за превоз на контејнери“, рече Ханиф.
Во главниот град се регистрирани околу 6.800 индустриски оџаци, но бројката може да биде и поголема поради нерегистрирани и нелиценцирани погони.
„Почнавме со засилени контроли на отворено палење, особено во металуршката и индустријата за топење руда“, додаде министерот.
Тој посочи дека влијанието врз здравјето веќе е сериозно, со прелиминарни податоци што укажуваат дека над 6 милиони жители на Џакарта развиле респираторни симптоми, вклучително и акутни инфекции што може да ги влошат постојните здравствени состојби.
Според истражување спроведено во 2023 година од Американската национална медицинска библиотека, загадувањето на воздухот во Џакарта – особено поради ситните честички PM2.5 и озонот на ниво на земја (O₃) – е одговорно за сериозни здравствени последици.
Конкретно, загадувањето годишно предизвикува над 7.000 здравствени компликации кај деца, повеќе од 10.000 предвремени смртни случаи и над 5.000 хоспитализации.