Rania R.a. Abushamala
27 Август 2025•Ажурирај: 28 Август 2025
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија уби најмалку единаесет Палестинци и повреди неколкумина низ Појасот Газа во нападот извршен денес взори, велат медицински извори и очевидци, јавува Анадолу.
Во Газа беа убиени двајца Палестинци, а има и повредени во израелскиот воздушен напад во кој е погодена куќа во населбата Ал-Дараџ во центарот на градот.
Уште девет лица се повредени кога воени авиони погодија шатор покрај гробиштата Шеик Радван на северниот дел од градот.
Во јужниот дел на Газа беа убиени две жени во израелскиот напад врз шатори во кои се сместени раселени семејства во кампот Ал-Кадисија, западно од Кан Јунис.
На друго место во Кан Јунис беа убиени уште тројца Палестинци, меѓу кои едно дете и една млада жена, а други беа повредени кога во израелскиот напад е погоден шатор во кој се засолниле раселени лица во областа Асдаа северно од градот.
Израелската армија застрела и уби четворица Палестинци, а има и повредени што чекале хуманитарна помош западно од Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Сведоците, исто така, известија дека израелските сили уривале домови и имоти во делови од енклавата, заедно со воздушните напади.
Израел уби речиси 63.000 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.