Şerife Çetin
22 Октомври 2019•Ажурирај: 23 Октомври 2019
СТРАЗБУР (АА) - Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисијата, изјави: „Голема болка во мене создава фактот што долг период од мојот мандат е потрошен на Брегзит. Брегзит е трошење време и енергија“, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на своето обраќање на Генералното собрание на Европскиот парламент во Стразбур, Јункер зборуваше за минатонеделниот Самит на лидерите на ЕУ.
Јункер одлуката да не се започнат преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија ја оцени како „големо разочарување и грешка“, и додаде „Оваа одлука има големо влијание врз двете земји. Во исто време, никој нема да ѝ верува на Европа која прво ветува, а потоа не го одржува ветувањето.“
- „Брегзит е трошење време и енергија“ -
Осврнувајќи се и на одделувањето на Велика Британија од ЕУ, Јункер рече „Голема болка во мене создава фактот што долг период од мојот мандат е потрошен на Брегзит. Брегзит е трошење време и енергија.“
Јункер посочи дека сѐ додека британскиот Парламент не го одобри новиот договор, не е можно тој да биде одобрен од страна на ЕП, и додаде „Прво Лондон, потоа Брисел и Стразбур.“
- „Разделба без договор не е избор на ЕУ“ -
И претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, зборуваше за Брегзит, истакнувајќи: „Треба да бидеме подготвени на секакви сценарија. И на британскиот премиер [Борис] Џонсон му кажав дека бескомпромисната разделба никогаш нема да биде избор на ЕУ.“
Туск рече дека за таа тема остварува средби со лидерите на земјите членки и истакна дека во тие рамки пресудна ќе биде одлуката што ќе ја донесе британскиот Парламент.