ЛОНДОН (АА) – За многумина патот кон нова вера доаѓа како ненадејно просветлување. За Едвард Роу, жител на Лондон со силна интелектуална љубопитност и длабока наклонетост кон турската култура, тоа било бавно и промислено патување, кое започнало во училница во средно училиште, а завршило со прифаќање на исламот, пишува Анадолу.
Долго пред да стане активен член на муслиманската заедница, Роу ја практикувал својата вера, христијанството. Толку бил посветен на својата вера што размислувал да стане свештеник.
Сепак, за време на часовите по филозофија и етика почнал да се соочува со „големите прашања“ за постоењето и природата на Бог.
„Поради тоа почнав да го истражувам исламот“, се потсетува Роу.
„Открив дека исламот навистина одговори на моите прашања на најпријатен и најсеопфатен начин. Тоа е главната работа што навистина ме привлече.“
Иако интересот бил силен, неговото преминување во ислам не се случило преку ноќ. Станувало збор за бавно интелектуално и духовно патување што траело седум години.
Додека студирал на Факултетот за ориентални и африкански студии при Универзитетот на Лондон, Роу се посветил на изучувањето на блискоисточната историја и исламските цивилизации. Академскиот пристап му помогнал да ги надмине стереотипите со кои се среќавал во британското општество.
„Тоа помага да се отфрлат заблудите што луѓето ги имаат за муслиманите, дека се нетолерантни или назадни“, вели тој. „Имав докази за големи и неверојатни цивилизации што биле исламски по својата природа.“
Но последниот чекор од теорија во практика бил инспириран од лична врска.
- Љубов за Турција -
Откако запознал Турчинка која подоцна станала негова сопруга, Роу отпатувал во Турција за да се запознае со нејзиното семејство.
Токму таму, гледајќи го својот иден тест како се моли, академскиот интерес се претворил во духовна потрага.
„Некако посакав да го имам тоа што го има тој“, вели Роу. Веќе следниот ден, во историската џамија Нуруосманије во истанбулската населба Фатих, тој го примил исламот.
„Сè уште сум во контакт со имамот што го запознав дента кога станав муслиман“, вели тој.
„Му пратив и фотографија од мене облечен во турска џуба (долга надворешна мантија) откако научив да одржувам петочна муслиманска проповед - хутба.“
Во Лондон, неговиот духовен и личен живот се поврзале во џамијата Масџид Рамазан во источниот дел на градот, во населбата Хакни.
За Роу оваа џамија е симбол на „двете љубови“ во неговиот живот, сопругата и земјата Турција.
„Тука ја имавме и нашата исламска венчавка, во оваа просторија“, вели тој.
Џамијата има богата историја. Основана во 1977 година од турско-кипарската заедница во поранешна синагога, таа се смета за прва турска џамија во Велика Британија. Во 2006 година токму таму бил одржан и погребот на Дурушехвар Султан, ќерка на последниот османлиски калиф Абдулмеџид Втори.
Роу наоѓа убавина во тие слоеви на историјата, еврејските мотиви сè уште се видливи во архитектурата и османлиската врска што ја поврзува неговата локална лондонска заедница со пошироката историја за која некогаш студирал на универзитет.
- „Исламот е како филтер за културата“ -
За многу луѓе што ја менуваат верата може да се појави чувство на културна оддалеченост, но кај Роу било спротивно.
Во, како што самиот вели, „парадокс што звучи чудно“, тој објаснува дека се чувствува „повеќе Британец откако станал муслиман“.
Британската муслиманска заедница ја опишува како комбинација од различни култури, сомалиска, бангладешка, пакистанска и други, што го натерало подлабоко да размислува за сопствениот идентитет.
Тој се потсетува дека еднаш го прославиле муслиманскиот празник Бајрам со традиционален британски попладневен чај.
„Не мора да станете Бангладешанец, Арапин или Пакистанец. Исламот е како филтер за културата, ги отстранува најлошите работи, а ги задржува најдобрите. Затоа, чајот, рибата со помфрит, сите тие работи може да останат“, вели Роу.
- Вера во време на „темни облаци“ -
Патот на Роу не поминал без предизвици. Тој отворено зборува за „темните облаци“ што, според него, се собираат над Велика Британија, потсетувајќи на екстремно десничарските немири од 2024 година.
Немирите избувнаа по напад со нож во крајбрежниот град Саутпорт, по што на интернет се проширија неточни тврдења дека осомничениот, британскиот државјанин Аксел Рудакубана, роден во Кардиф, е муслимански барател на азил.
Живеејќи во област каде што имало заплашувања и антимигрантски чувства, Роу вели дека почесто оди во локалната џамија, особено од грижа за постарите верници.
„Почнав почесто да одам во џамијата бидејќи искрено се грижам за постарите луѓе што доаѓаат таму“, вели тој.
Сепак, дури и во услови на агресија, неговата перспектива останува цврсто поврзана со верата.
„Алах е со вас. Тој гледа и на крајот има контрола. Кога ќе го имате тоа на ум, проблемите и искушенијата во животот не изгледаат толку големи.“
- Поддршка од семејството -
Едно од најтрогателните поглавја во приказната на Роу е реакцијата на неговите родители. Наместо одбивање, како што често се случува со некои што преминуваат во друга вера, тие ја прифатиле неговата одлука со почит и љубопитност.
Неговиот татко, како што вели, покажал „машка почит“ кон посветеноста со која неговиот син ја истражувал верата, додека мајка му активно го поддржува во новиот начин на живот.
„Ми купи килим за молитва. Готви храна со халал месо“, раскажува Роу.
Понекогаш, додава тој со насмевка, таа им се придружува и на ифтар за време на Рамазан.
За оние што се наоѓаат во позицијата во која некогаш бил и самиот, љубопитни и во потрага по одговори, Роу има едноставен совет:
„Истражувајте го исламот со отворено срце и отворен ум. Ако видите муслимани што се однесуваат лошо, не обвинувајте го исламот, туку нив како поединци.“