Ekipa
11 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
НАБЛУС (АА) - Секој петок, во раните утрински часови, Хамза Акрабави го подготвува својот традиционален појадок, а потоа заминува на планинарење во палестинските планини со неговите синови и пријатели, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акрабави е историски истражувач и земјоделец од Акраба во југоисточен Наблус, што се наоѓа во средишните планини на Палестина кои гледаат кон крајбрежната рамнина на Средоземното Море од запад и рамнините на Јорданската Долина од исток.
Тој вели дека планините во неговото детство ја поттикнувале неговата љубопитност за да открие што има зад огромните врвови.
Селаните во Палестина ги сметаат планините за симбол на милосрдието поради маслиновите полиња, најважната сезона на берба за Палестинците, според Акрабави.
„Постои постојано присутна носталгија во колективната меморија за планините, што влијае на нашиот општествен идентитет на еден единствен и поинаков начин од луѓето од рамниците, на пример“, рече тој. „Високопланинските места имаат духовен симбол во традиционалната култура за Палестинците.“
За време на честите планинарења, Акрабави ги посетува планините на Западниот Брег и документира приказни, поговорки и народни песни поврзани со планините од луѓето кои му раскажуваат приказни за религиозната и политичката историја на областа.
„Во секоја планина во близина на селата има најмалку едно свето место поврзано за некој праведен човек. Има традиционално верување пренесувано низ цивилизациите дека врвовите на планините се најблиската точка до небото и до Бог“, рече тој.
Акрабави документирал приказни за археолошки места подигнати од религиозни или политички причини во зависност од времето во кое биле изградени.
Историските истражувања и архивираните документи покажуваат дека има многу воени позиции на врвовите на планините, што биле користени за време на османлискиот период и претходно.
Во палестинската народна култура, луѓето ги поистоветуваат храбрите, силните и хероите со планините, употребувајќи го зборот „планина“ за да искажат сила, големина и упорност. Особено оние што се спротивставуваат на окупацијата на Израел.
За време на постојаната борба на Палестина против британскиот мандат и израелската окупација, планините беа безбедно место за борците.
„Средишните планини се полни со пештери што беа засолништа за борците барани од окупацијата поради нивниот отпор во различни временски периоди. Тие најчесто ги избираа планините од воени и логистички причини. Од планините многу добро се гледа областа и имаат поврзаност со селата кои се логистичка поддршка на борците“, рече Акрабави.
Палестинските документи покажуваат дека многу палестински борци биле убиени во пештерите и дека некои сè уште се водат како исчезнати.
Али Амро од Хеброн, кој бил учесник во воениот отпор, се води како исчезнат од 1971 година.
Од окупацијата на Западниот Брег во 1967 година, врвовите на планините сè уште се целни подрачја за населување од страна на Израел или за изградба на воени набљудувачки точки или пунктови за радикалните еврејски доселеници што можат да се видат од југ до северот на Западниот Брег.
„Ционистичкиот проект многу добро ја знае важноста и симболот на планините за нас, затоа забрзано ги населува планинските предели и прави патишта за да стигне до таму за да го олесни движењето на доселениците и да го контролира животот на Палестинците во селата што се лоцирани во планинските подрачја“, рече Акрабави.