Salih Baran
22 Декември 2018•Ажурирај: 23 Декември 2018
ЕДЕРНЕ (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека речиси 300.000 Сиријци се вратиле во своите домови откако турската војска успешно ги извршила операциите во регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Бројот на Сиријците кои се вратија во својата земја по операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ изнесува 291.790“, изјави Сојлу на вториот по ред Меѓународен координациски состанок за нерегуларни миграции.
Турција спроведе две прекугранични антитерористички операции во Сирија, „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, за да се искорени присуството на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ во близина на границата со Турција.
Зборувајќи за географската позиција на Турција, како главен пат за илегални премини на бегалците кои сакаат да одат во Европа, министерот за внатрешни работи изјави дека досега во 2018 година 251.794 нерегуларни мигранти се задржани во обид за незаконски премин на границата.
Сојлу додаде дека турската крајбрежна стража и безбедносните сили продолжуваат ефикасно да работат на спречувањето на нелегалните премини. Турција беше главна рута за бегалците кои се обидуваа да преминат во Европа, особено од избивањето на граѓанската војна во Сирија.