Islam Uddin
25 Февруари 2026•Ажурирај: 25 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Повеќедневните интензивни врнежи предизвикаа големи поплави и одрони на индонезискиот остров Бали, нарушувајќи го секојдневниот живот во станбените населби и популарните туристички дестинации, јавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Во Денпасар поројните дождови ги поплавија улиците и домовите откако блиските реки се излеаја од коритата, при што нивото на водата во некои области вчера достигна и до еден метар, објави весникот „Џакарта глоуб“.
Поплави има и во туристичките подрачја Кута, Легијан и Санур, каде што спасувачките екипи користеа гумени чамци за евакуација на жителите од поплавените населби. Засега не се пријавени жртви.
Во Убуд, дел од регионот Гијанјар, силниот дожд предизвика настанување на свлечишта, при што се оштетени неколку објекти и јавни установи.
Во источниот регион Карангасем беа регистрирани повеќе инциденти, во кои има паднати дрвја и оштетени патишта.
Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика (БМКГ) издаде црвен аларм од највисок степен за неколку области, предупредувајќи дека обилни и екстремни врнежи може да има и во текот на утрешниот ден.
Агенцијата, исто така, предупреди за состојбата на морето, каде што се очекуваат бранови до четири метри во јужните води, што претставува ризик за поморскиот сообраќај и риболовните активности.
Минатиот месец во свлечиште во Западна Јава загинаа повеќе од 70 лица.
Во поплавите на островот Суматра во Индонезија на крајот на ноември минатата година загинаа најмалку 1.190 лица, додека 141 сè уште се водат како исчезнати, а илјадници се раселени, според податоците на Агенцијата за управување со катастрофи.