Kübra Chohan
30 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Нојерт, изјави дека американските и турските делегации и понатаму водат преговори за ситуацијата во Сирија, но дека сè уште не е постигнат договор за северносириското подрачје на Мунбич, кое е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сè уште не постигнавме никаков договор. Претходно соопштивме дека работните групи се состанаа во петок во Анкара. Продолжуваме со преговорите и веќе се одредени контури на мапата на патот за идна соработка, вклучувајќи го и прашањето за Мунбич“, изјави Нојерт.
Поранешниот американски државен секретар, Рекс Тилерсон, во февруари ја посети Анкара и тогаш беше воспоставен механизам за решавање низа отворени билатерални прашања, вклучувајќи го и решавањето на проблемот за Мунбич и избегнувањето на директниот судир на турските и американските сили во тој регион.
Нојерт синоќа изјави дека актуелниот шеф на Стејт департментот, Мајк Помпео, на 4 јуни ќе се состане со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
Мунбич е под окупација на ЈПГ/ПКК, терористичка организација која во северниот дел на Сирија дејствува под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (СДС). Турција предупредува дека станува збор за сириски огранок на терористичката организација ПКК, а САД сметаат дека Сириските демократски сили се веродостоен партнер во борбата против терористите на ДЕАШ.
Во Мунбич се ангажирани околу 2.000 американски војници, и Турција и САД како сојузници на НАТО сакаат да избегнат директни судири во тој регион.
На почетокот на годината, турските сили ја започнаа антитерористичката операција „Маслинова гранка“ и од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ го ослободија поширокото подрачје на Африн, северозападна Сирија. Турција најави дека ќе ја продолжи операцијата кон исток, доколку терористите на ЈПГ/ПКК не го напуштат Мунбич.