Gülşen Topçu
16 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
РИЈАД
Советот на министри на Саудиска Арабија соопшти дека администрацијата на Ријад поддржува фер и сеопфатно решение на палестинското прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на новинската агенција СПА, во Советот на министри, со кој раководел кралот Селман бин Абдулазиз, се дискутирало за најновите случувања во регионот и светот.
Советот на министри истакна дека Саудиска Арабија стои покрај палестинскиот народ и ги поддржува сите напори насочени кон фер и сеопфатно решение на палестинското прашање, на тој начин што ќе обезбеди воспоставување независна палестинска држава на границите од 1967 година, а главен град ќе биде Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Советот на министри не го оцени договорот за нормализација потпишан меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел и Бахреин.
Американскиот претседател Трамп вчера во Белата куќа изјави дека уште 7-8 земји ќе ги нормализираат своите односи со Тел Авив.
На прашањето дали Саудиска Арабија е меѓу овие земји, Трамп рече: „Скоро се сретнав со кралот на Саудиска Арабија. Мислам дека во вистинско време и тие ќе се вклучат во тоа (ќе ги нормализираат своите односи со Израел). Ова е многу важен договор, јас верувам дека наскоро и другите земји ќе го направат тоа.“