Aldijana Hadzic
20 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
САРАЕВО
Низ светот на 20 ноември се одбележува Светскиот ден на децата, а целта е промовирање меѓународно заедништво, подигање на свеста меѓу децата низ светот и подобрување на благосостојбата на децата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овој датум е важен и поради тоа што во 1959 година Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето. Воедно е и датум кога во 1989 година Генералното собрание ја усвои и Конвенцијата за правата на детето.
Од 1990 година, Светскиот ден на децата ја одбележува годишнината на денот кога Генералното собрание ги усвои Декларацијата и Конвенцијата за правата на децата.
Конвенцијата до денес ја потпишаа 196 земји, со што стана најбрз и најшироко прифатен договор на подрачјето на меѓународните човекови права во историјата. Со тоа светот даде ветување дека на своите деца ќе им обезбеди еднакви права и дека ќе направи сè за да ги заштити и осигури нивните права на опстанок, развој, учење и развивање до целосни потенцијали, без дискриминација.
Денес во светот живеат 1,8 милијарди млади, кои чинат четвртина од светската популација. Младите имаат огромен потенцијал да придонесат за социјалниот, политичкиот и економскиот развој. Возрасните ја имаат одговорноста да работат со нив како партнери и стартери на промени.
„Децата и младите имаат поинаква перспектива од возрасните и носат нови и креативни решенија за проблемите со кои се соочува светот, а тие ги носат во своето растење“, соопшти УНИЦЕФ.
Тема на овогодинешниот Светски ден на децата е „Подобра иднина за секое дете“.
Светскиот ден на децата нуди инспиративна почетна точка за застапување, промоција и славење на правата на децата, претворајќи се во дијалози и акции што ќе изградат подобар свет за децата.
Пандемијата на Ковид-19 покажа дека нееднаквостите се одразуваат на правата на секое дете. Од климатските промени, образование и ментално здравје до ставање крај на расизмот и дискриминацијата, децата и младите го подигаат гласот за прашањата што се важни за нивната генерација и ги повикуваат возрасните да креираат подобра иднина.
„Овој светски ден на децата е најважен досега, за светските лидери да ги послушаат нивните идеи и барања“, соопштено е од ОН.