Yusuf Özcan
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
ПАРИЗ
„Жолтите елеци“ во Франција се собраа по повод тригодишнината од почетокот на протестите, со цел уште еднаш да го изразат своето незадоволство поради политиката на администрацијата на претседателот Емануел Макрон, известува Агенција Анадолија (АА).
Неколку илјадници демонстранти се собраа на плоштадот во близина на Министерството за економија во Париз, од каде што пешачеа кон плоштадот „Виктор и Елен Баш“.
Во текот на прошетката, неколкупати беше поставен полициски кордон за да се спречи движењето на демонстрантите. На протестите дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите. Припадниците на безбедносните сили користеа солзавец против демонстрантите кои фрлаа разни предмети кон нив.
Можеше да се забележи дека полицијата со палки удираше дел од демонстрантите. Демонстрантите запалија голем број канти за смет и други предмети.
Медицинските работници доброволно им укажаа помош на многумина демонстранти кои ги почувствуваа последиците од солзавецот.
Демонстрантите истакнаа и транспаренти на кои беа испишани пораки против администрацијата на Макрон.
„Иако Макрон не го сака тоа, ние сме тука за честа на работниците и за подобар живот“, извикуваа демонстрантите.
На протестите беа истакнати и карикатури на Макрон, на шефот на полицијата во Париз, Дидие Лалеман, и на претседателот на САД, Џо Бајден. Поради содржината и навредите низ карикатурите, приведени се две лица.
Во Париз се преземени високи мерки на безбедност, а протестите се одржаа и во други градови.
Жером Родригес, лидерот на „жолтите елеци“, за АА изјави дека протестите почнале како реакција на поскапувањето на горивата, а денеска цените на горивата се за 20 % повисоки во однос на периодот од пред три години.
Родригес рече дека веќе три години не добиваат никаков одговор на барањата и дека сè уште не ја добиле борбата.
Тој потсети дека голем број луѓе во земјата се соочуваат со тешка економска ситуација.
„Претседателот дава 100 евра, но ние сакаме да добиеме онолку колку што работиме. Не сакаме пари, само сакаме да го добиеме она што ни припаѓа“, рече Родригес.
Порача дека демонстрациите се организирани со барањата од пред три години.
„Сакаме социјална и даночна правда, демократија и да се престане со бенефиции кон официјални лица“, истакна Родригес.
Најави продолжување на протестите сè додека не бидат исполнети барањата.
„Доаѓа до насилства. Полицијата поставува кордони околу демонстрантите. Тоа го забрани Апелациониот суд. На тој начин доаѓа до насилства, а Владата и Полициската управа токму тоа го сакаат“, смета Родригес.
Протестите започнаа на 17 ноември 2018 година како реакција на најавеното поскапување на горивата. Сепак, прераснаа во протести од широки размери.
На демонстрациите што започнаа во Париз, каде учествуваа десетици илјади лица, во последните неколку години неретко се случуваа немири. На улиците на Париз и на другите градови доаѓаше до судири меѓу полицијата и демонстрантите, беа палени возила и фрлани разни предмети.
Во фокусот на јавноста се најде и полициското насилство на кое се изложени демонстрантите.
„Жолтите елеци“ минатата година не можеа често да организираат протести поради воведените мерки со цел да се спречи ширењето на заразата на коронавирусот. Иако во последните неколку месеци протестите се одржуваа во саботите, учеството беше значително помало отколку претходно.
На протестите поради полициското насилство повредени беа 770 лица, меѓу кои и 127 медицински работници. Пет лица останаа без рака, а 30-мина го загубија видот.
На демонстрациите животот го загубија 11 лица.