НОВИ ПАЗАР
Бошњаците во Србија го одбележуваат еден од најголемите национални празници, 20 Ноември, Денот на Санџак. Овој ден се одбележува во знак на сеќавање на настанот од 1943 година кога во Пљевља е основан Земскиот антифашистички совет на народното ослободување на Санџак (ЗАСНОС), јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката 20 ноември да се прогласи за еден од најголемите национални празници на Бошњаците во Србија, кој се одбележува веќе 16 години, ја донесе Бошњачкиот национален совет (БНС) во 2005 година. Одлуката истата година ја потврди и Советот за национални малцинства на Република Србија.
Со години наназад овој датум кој во општините со мнозинско бошњачко население е неработен ден, се одбележува со пригодни манифестации на БНС, а оваа година прославата се спроведува во согласност со протоколите за пандемијата на коронавирусот.
„Имајќи ја предвид епидемиолошката ситуација, сите настани ќе се реализираат онлајн, и во согласност со мерките и препораките на здравствените експерти и институции. Целокупната програма на одбележување ќе се реализира онлајн на дигиталните платформи на БНС и на Радио-телевизија Нови Пазар. Богата и квалитетна програма нема да изостане ниту оваа година. Подготвен е јавен час по историја на тема „Санџак низ историјата“, трибина „ЗАСНОС - историски околности, значење и перспективи“ и традиционални 14. Санџачки книжевни средби", рече за АА Емир Бихорац од БНС.
Придонес кон одбележувањето на Денот на Санџак даде и Културниот центар со манифестацијата „Промоција на традицијата преку уметност“, која ја поддржа Градската управа на Нови Пазар и Министерството за култура и информирање на Србија.
„Со овој проект дадовме придонес кон одбележувањето на Денот на Санџак, односно на Денот на ЗАСНОС. Ние со оваа изложба го прикажуваме Санџак таков каков што го гледа неговиот народ и докажуваме дека традиционалното му одолева на современото“, рече координаторката на Културниот центар, Хасна Зилќиќ.
- Бошњаците на Босна и Херцеговина и Санџак се еден ист народ
Честитка по повод Денот на Санџак до претседателката на БНС, Јасмина Цуриќ и народот на Санџак упати членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ.
„Носејќи силна симболика, овој датум укажува на вистинска приврзаност на Бошњаците на Санџак кон севкупните вредности на слободниот и демократски свет. Бошњаците на Санџак секогаш знаеја да размислуваат со своја глава, беа свесни за своите права и своето достоинство не загрозувајќи ги туѓите права и достоинство. Почитувајќи го фактот дека живееме во различни држави, босанскохерцеговските Бошњаци и санџачките Бошњаци го сочинуваат еден ист народ со единствен јазик, култура, традиција, идентитет и колективна свест. Како член на Претседателството на Босна и Херцеговина од редот на бошњачкиот народ, секогаш ќе бидам на располагање на Бошњаците на Санџак. БиХ го носи Санџак во срцето еднакво како што Санџак ја носи Босна и Херцеговина во срцето. Нека ви е среќен Денот на Санџак, бидете живи и здрави“, пишува во честитката на Џаферовиќ.
- Граѓаните единствени и согласни да го чуваат Санџак
Честитка по повод 20 Ноември - Денот на Санџак, упати претседателката на БНС, Јасмина Цуриќ, потсетувајќи дека во Пљевља пред 77 години е основан Земскиот антифашистички совет на народното ослободување на Санџак (ЗАСНОС), со што, според нејзините зборови, Санџак доби автономија и загарантирано право на самоорганизирање.
„Во знак на сеќавање на тоа време кога народот на Санџак, воден од идејата на антифашизмот и во виорот на Втората светска војна се определи за единствен, мултиетнички и автономен регион Санџак, ние денеска го одбележуваме Денот на Санџак. Тој е еден од најважните национални празници на Бошњаците и на сите граѓани на Санџак. Во име на Бошњачкиот национален совет и во свое име, на сите граѓанки и граѓани на Санџак, како и на оние кои се далеку, а на кои Санџак им е во срцето, им го честитам 20 Ноември, Денот на Санџак, со порака единствени и сложни да го чуваме Санџак“, наведе претседателката на БНС, Јасмина Цуриќ, во честитката.
- Санџак со векови е пример на уважување, соживот и толеранција
Градоначалникот на Нови Пазар, Нихат Бишевац, честитајќи го празникот на Бошњаците во земјата и дијаспората, рече дека Денот на Саџак е симбол на цивилизациските вредности на антифашизмот, слободарскиот дух и човекољубие.
„Санџак отсекогаш беше симбол на единството и почитувањето на различноста. Овој датум е важен за сите нас бидејќи нѐ обврзува на почитување на идеите и вредностите на антифашизмот и на почитување на човековите права. Со векови сме пример за меѓусебно почитување и соживот. Пред нас е задача тој пат да го продолжиме и да го развиваме Санџак успешно, а кој ќе го оставиме на генерациите зад нас“, се наведува во честитката на градоначалникот Бишевац.
На адресата на БНС во текот на денот честитки по повод празникот упатија и претседателот на БНС на Северна Македонија, Џевад Хот, претседателот на Бошњачкиот совет во Црна Гора, Ејуп Нурковиќ, претседателот на БНС на Националниот совет на Хрватска, Армин Хоџиќ, претседателот на Конгресот на Бошњаците од светот, Азем Дервишевиќ, претседателот на Здружението „Турција, Босна - Санџак“ од Истанбул, Мухамед Санџактар, претседателот на Здружението „Бурса, Босна - Санџак од Бурса, Јусуф Озтурк Љајиќ и претседателот на Здружението „Босна - Санџак“ од Измир, Абдулах Ѓул.
Покрај 20 ноември - Денот на Санџак, национални празници на Бошњаците во Србија се 11 Мај - Денот на бошњачкото национално знаме, 11 Јули - Денот на сеќавање и 28 Септември - Денот на Бошњаците.