Servet Günerigök
12 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешен сириски воен фотограф, што го користи псевдонимот Цезар, вчера побара од Соединетите Американски Држави (САД) да го поддржат сирискиот народ и да ги спречат убивањата вршени од страна на режимот на Башар ал Асад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на сослушувањето на Комитетот за надворешни работи во Сенатот, Цезар рече дека режимот на Асад ја користи неактивноста на меѓународната заедница како зелено светло за да ги продолжи своите злосторства против Сиријците.
„Девет години САД гледаа како живееме во бомбардирање и тортури. Ве молиме, како администрација, направете го она што е правилно за сирискиот народ и погледнете го сирискиот народ како браќа и сестри во човештвото.“
„Едноставно би ја замолил американската администрација и би побарал од неа да ги спречи убивањата во Сирија”, додаде тој.
Цезар, кој сега е свиркач - информатор, работел како форензички фотограф за сириската Армија пред да открие десетици илјади фотографии со висок квалитет на луѓе измачувани до смрт во Воената болница во главниот сириски град Дамаск.
Тој рече дека приведувањата и убиствата на сирискиот режим се зголемени откако ја напуштил земјата пред околу пет години.
„Меѓународната заедница мора да го обвини сирискиот режим за „систематска употреба на својата машинерија“ против сирискиот народ и да ги изведе сторителите на долгогодишното насилство пред меѓународните судови“, рече тој.
Пред комисијата во која беа сенаторот Џим Риш, републиканскиот претседател на комисијата, и демократскиот сенатор Боб Менендез, сведочеше и Раид ал Салех, директорот на сириската група за цивилна одбрана „Бели шлемови“.
Салех изјави дека последиците од неактивноста на светот не можат да се ограничат на сириските граници.
„Уште милиони бегалци ќе ја напуштат Сирија кон побезбедните места во Европа. Ниту еден граничен ѕид не може да ги задржи. Цела генерација на деца ќе остане без образование. Екстремистичките групи поттикнаа хаос за кој се потребни идни глобални коалиции и билиони долари за да се поразат тие закани“, изјави Салех.
На сослушувањето исто така се зборуваше и за хуманитарната криза во Идлиб и за операцијата на Турција за да се спречи офанзивата на силите на Асад поддржани од Русија и Иран.
Салех изјави дека кампањата на Анкара минатиот месец го уништила митот дека употребата на сила за спречување на можностите може да предизвика понатамошна ескалација.
„Всушност, спротивното се случи по кратката воена интервенција на Турција. Минатата недела целосно беа запрени воздушните напади. Но, Турција не може да го стори тоа сама. Потребна ѝ е вашата поддршка и лидерство“, додаде тој.
Во својот воведен говор, сенаторот Риш се осврна на руската Влада и рече дека Москва нема интерес да стави крај на војната во Сирија.
„Распарчената Сирија нема никогаш да заздрави. Сирискиот народ заслужува подобро, многу подобро“, изјави тој.
Во 2018 година, Турција и Русија се согласија да го претворат Идлиб во деескалациона зона, во која строго се забранети актите на агресија.
Но, режимот и неговите сојузници, вклучително и силите поддржани од Иран, постојано го прекршуваат прекинот на огнот, со чести напади во подрачјето.