Hakan Ceyhan Aydoğan
17 Јануари 2017•Ажурирај: 17 Јануари 2017
МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денес во Москва изјави оти се надева дека односите на неговата земја и САД ќе бидат поплодни од периодот во мандатот на Барак Обама, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров на прес-конференцијата во Москва се осврна на руската надворешна политика, како и на актуелните случувања во регионот. Во врска со преговорите за сириското прашање, кои ќе бидат одржани во Астана, Лавров порача дека овие преговори во однос на оние претходно, кои ги организираа ОН, се разликуваат според фактот што во нив се вклучени учесниците од теренот.
„Турција и Русија започнаа иницијатива во преговорите да бидат вклучени учесниците од теренот“, истакна Лавров и додаде:
„Целта на преговорите во Астана е јакнење на примирјето во Сирија, како и на командантите од теренот да им се овозможат еднакви права како учесници во политичкиот процес. Тоа е еден здрав процес“.
Тој порача дека на преговорите во Астана е потребно да се повикаат и претставниците на ОН и претставници на новата администрација на САД.
Лавров нагласи дека се надева оти САД на преговорите ќе ги претставува новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој официјално на должност ќе стапи на 20 јануари.
Според неговите зборови, тоа би можел да биде првиот официјален контакт на Русија со новото водство на САД во врска со сириското прашање.
Лавров укажа и на присутноста на шпекулации во последниот период околу продолжувањето на односите на релацијата Москва – Вашингтон, откако должноста претседател ќе ја преземе Трамп.
„Сакаме да видиме каква политика ќе води Трамп и неговата екипа. Се надевам дека соработката со новата администрација на САД, по прашањето за Сирија и за другите теми, ќе биде поплодоносна од периодот во мандатот на Барак Обама“, истакна Лавров.
Што се однесува до борбата против тероризмот, Лавров изрази жалење поради некористењето на заедничкиот фронт во борбата против тероризмот.