Beyza Binnur Dönmez
03 Март 2020•Ажурирај: 07 Март 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот технолошки гигант „Твитер“ ги повика своите вработени да работат оддома за да го заштитат своето здравје и безбедност во услови на ширењето на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Почнувајќи од денеска, силно ги охрабруваме сите вработени во глобални рамки, да работат оддома доколку имаат можност“, порача компанијата во објавата на својот блог.
„Нашата цел е да ја намалиме веројатноста за ширење на коронавирусот Ковид-19 меѓу нас - и во светот околу нас.“
Службата за социјално вмрежување соопшти дека работи на „осигурување на максималното можно функционирање на внатрешните состаноци и другите важни задачи од далечина“.
Просториите на компанијата, сепак, ќе останат отворени за одредени работни функции кои не се идеални за работа оддома или за оние кои претпочитаат да работат од канцелариите.
Компанијата, во меѓувреме, работата оддома ја направи задолжителна за вработените во Хонгконг, Јапонија и Јужна Кореја поради владините ограничувања.
Останатите водечки технолошки компании, меѓу кои и „Фејсбук“ и „Гугл“, ги одложија или откажаа конференциите во Соединетите Американски Држави (САД).
Соопштението дојде откако бројот на смртни случаи поради коронавирусот во светот надмина 3.000, а бројот на заразени се искачи над 90.000. Епидемијата се прошири од Азија во САД, Европа и на Блискиот Исток.
Светската здравствена организација (СЗО) го зголеми глобалниот степен на ризик од коронавирусот (Ковид-19) од „висок“ на „многу висок“.