Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
АТИНА (АА) – Најмалку 16 лица загинаа, а десетици се спасени откако вчера потона чамец што пренесува мигранти во близина на грчкиот остров Парос, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парос е дел од островската група Киклади во Егејското Море, што се наоѓа приближно 150 километри југоисточно од грчкиот главен град Атина.
Операцијата за пребарување и спасување е во тек во областа, а досега од водите на околу осум километри од Парос извлечени се 63 лица, соопштија денес надлежните.
Крајбрежната стража истакна дека чамецот се превртел со околу 80 мигранти и дека се работи на пронаоѓање на исчезнатите.
Пет чамци на Крајбрежната стража, хеликоптер на морнарицата и авион C-130 учествуваа во операцијата, а во спасувачите напори помагаа и девет чамци што пловеа во подрачјето.
Ова е трет пат во два дена да потоне брод со мигранти во Егејското Море.
Рано вчера, Крајбрежната стража јави дека 11 мигранти се удавиле, а 90 биле спасени од карпестите островчиња во близина на островот Антикитера помеѓу Крит и Пелопонез.
Во четвртокот, друг брод со мигранти потона во близина на островот Фолегандрос. Тринаесет лица беа спасени, а 17 се водат како исчезнати.