Awad Rjoob
16 Мај 2023•Ажурирај: 18 Мај 2023
РАМАЛА (АА) - Петмина Палестинци се повредени во рациите на израелската војска на окупираниот Западен Брег, соопшти Министерството за здравство, пренесува Анадолу.
Израелските сили извршија рација во бегалскиот камп Џенин во северниот дел на Западниот Брег, предизвикувајќи судири со локалните жители, објави палестинската телевизија.
Израелските сили опколија куќа во кампот и приведоа четири лица пред да се повлечат од подрачјето, објави телевизијата.
Во соопштението на Министерството за здравство се вели дека четири лица се повредени, од кои едно потешко, и се примени во болница за укажување медицинска помош.
Израелските сили, исто така, извршија рација во бегалскиот камп „Акбат Џабр“ во градот Ерихон и приведоа шест жители, објави радиостаницата „Палестински глас“. Еден Палестинец наводно бил повреден во судирите со израелските сили.
Меѓу другото, Здружението на палестински затвореници соопшти дека 20 Палестинци биле приведени од израелските сили низ Западниот Брег во вторникот.
Израелската Армија не излезе со соопштение во врска со случајот.