Sarp Özer
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
ЏАРАБУЛУС (АА) - Сарп Озер -
Во сирискиот град Џарабулус пронајдени се тунели коишто припадниците на терористичката организација ДАЕШ ги користеле за да избегаат од ова место во текот на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која ја спроведува Ослободителната војска на Сирија (ФСА) со Турските вооружени сили (ТСК) и со поддршка на меѓународната коалиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на Ослободителната војска на Сирија во потполност ќе ги затворат пронајдените тунели поради тоа што се сомневаат дека во нив се поставени замки со експлозив.
На ова подрачје сѐ уште е во тек офанзивата „Штитот на Еуфрат“. Силите на Ослободителната војска на Сирија напредуваат во ослободувањето на териториите што се под контрола на ДАЕШ, а во исто време во тек се активностите за пребарување на ослободеното подрачје.
Особено се пребаруваат куќите што ги користеле припадниците на ДАЕШ. Опозициските сили во текот на пребарувањето на теренот пронајдоа тунели коишто припадниците на ДАЕШ ги ископале и ги користеле за бегање од Џарабулус.
Снимки од тунелите направи и екипата на АА, која се наоѓа на теренот. Тие се протегаат од ридот од кој се гледа Џарабулус, до надвор од градот. Тунелите се направени за заштита, особено од беспилотите летала, но и од воздушните офанзиви.
Силите на Ослободителната војска на Сирија во текот на пребарувањето на теренот во центарот на Џарабулус фатиле еден член на ДАЕШ. Фатеното лице признало дека е член на терористичката организација.