Ekipa
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
СИДНЕЈ (АА) - Седум проценти од свештениците на Католичката црква во Австралија се обвинети за сексуална злоупотреба на деца во текот на изминатите неколку децении, пренесува Anadolu Agency (AA).
Овие податоци се објавени на отворањето на расправата на Државната комисија за институционалните одговори на сексуалната злоупотреба на деца.
Државната комисија, која е истражен орган од највисоко ниво во Австралија, од 2013 година врши истрага за тоа како Католичката црква и други институции одговорија на сексуалната злоупотреба на деца во изминатите неколку децении.
Комисијата претходно сослуша шокантни сведоштва на десетици луѓе кои биле жртви на злоупотреба од страна на свештеници, но големината на проблемот не беше јасна до објавувањето на статистичките податоци.
„Истрагата исто така покажа дека меѓу 1980 и 2015 година, вкупно 4.444 лица пријавиле злоупотреба во повеќе од 1.000 католички институции низ целата земја“, вели Гејл Фурнес, адвокатка која ѝ помага на Комисијата.
Просечната возраст на жртвите е 10,5 години за девојчињата и 11,5 за момчињата.
Френсис Саливан, директор на Советот за вистина и правда, истакна дека овој податок го одразува огромниот неуспех на Црквата во заштитата на децата.
„Овие бројки се шокантни и трагични. Како католици, треба да си го покриеме лицето од срам“, рече Саливан.
Конечниот извештај на комисијата ќе биде објавен до крајот на годината, по сослушувањето на неколкумина сведоци.