Aldıjana Hadzıc
29 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
СИДНЕЈ
Од десетина илјади жители и туристи во австралиската сојузна држава Викторија е побарано да ги напуштат подрачјата на кои им се закануваат шумски пожари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Температурите над 40 степени Целзиусови, силниот ветер, бурата и променливата насока на ветерот најавуваат дека понеделник ќе биде екстремно опасен ден“, соопштија официјалните лица, јавува „Би-би-си“ (BBC).
Шефот на Одделението за итни ситуации, Ендрју Крипс, изјави дека оние лица што се наоѓаат во Ист Гипсленд треба да го напуштат тоа подрачје најдоцна до понеделник наутро.
Повеќе од стотина пожари и понатаму се активни низ Австралија.
Најголемите од нив се недалеку од Сиднеј, во Нов Јужен Велс, каде што повеќе од 250.000 луѓе потпишаа петиција за откажување на новогодишниот огномет и вложување на тие средства во гаснењето на пожарот.
Во Ист Гипсленд три пожари се активни недалеку од Брутен, Бакен и Бонанг.
Властите предупредуваат дека пожарите би можеле да се прошират кон брегот и на тој начин би била блокирана главната сообраќајница.
„Она што можеме да го кажеме во моментов, базирано врз временските услови со кои утре ќе се соочиме низ целата држава, особено во Ист Гипсленд, е дека доколку таму живеете или сте на одмор, време е да заминете“, изјави Ендрју Крипс, шефот на Одделението за итни ситуации.