Shpetim Hiseni
23 Јули 2025•Ажурирај: 24 Јули 2025
СКОПЈЕ (АА) - Преку апел, Агенција Анадолу ги осуди постапките на израелската Влада кон Газа, кои ги опишува како „свесно претворени во геноцид“ од октомври 2023 година, привлекувајќи внимание на опасноста со која се соочуваат новинарите што известуваат од палестинската енклава.
Во соопштението објавено од новинската агенција, насловено како „Апел во врска со новинарите што се изложени на ризик од глад во Газа“, се наведува дека се убиени илјадници палестински цивили, вклучително жени, деца и стари лица, а болниците, училиштата, бегалските кампови и цивилните населби намерно се бомбардираат.
АА нагласува дека воените злосторства ескалираат преку блокадата на хуманитарната помош, забраната за влез на храна и лекови и пречките за пристап до основни прехранбени производи, осудувајќи го народот на Газа на намерно гладување.
Анадолу го става акцентот на новинарите во Газа што, според агенцијата, продолжуваат да известуваат под закана од глад и нехумани услови.
„Нашите колеги, кои работат на евидентирање и пренесување до светот на напорите за преживување на цивилите во тешки услови, ја продолжуваат својата мисија дури и кога се под закана од глад. Новинарите, осудени да продолжат во оваа средина на лишување што израелската Влада се стреми да ја создаде, од една страна ја исполнуваат својата професионална должност, а од друга страна се соочуваат со борба за опстанок“, рече АА.
„Луѓето од Газа, вклучително и нашите 113 колеги што работат во Газа, се обидуваат да преживеат во средина каде што основните права на живот се директно таргетирани од Израел. Со загриженост следиме како овие услови, како што се гладот и недостигот на храна и вода, директно влијаат врз нашите колеги што работат на терен“, се вели во соопштението.
Анадолу ги повикува меѓународното јавно мислење, организациите за човекови права, новинарските здруженија и целата глобална свест заедно да го кренат својот глас против оваа „темнина“.