Sibel Morrow
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
АНКАРА
Се проценува дека глобална потрошувачка на енергија во периодот 2020 - 2050 година ќе се зголеми за околу 50 % доколку продолжат сегашните трендови на политика и технологија, известува Агенција Анадолија (АА).
Американската Администрација за енергетски информации (EIA) подготви извештај „Меѓународната енергетска перспектива за 2021 година“, според кој, силниот глобален економски раст, особено во економиите во развој на Азија, ќе предизвика зголемување на потрошувачката на енергија.
Според референтното сценарио што ги предвидува идните енергетски трендови, базирано врз тековните закони и прописи на Администрацијата за енергетски информации, најголем пораст меѓу изворите на енергија до 2050 година ќе се забележи кај обновливите извори на енергија.
Доколку не се направат значајни промени во енергетските политики или технолошките достигнувања, емисијата на јаглерод диоксид предизвикана од енергијата ќе продолжи да се зголемува до 2050 година, дури и покрај фактот што ќе се зголеми учеството на обновливите извори во производството на енергија.
Во земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), производството на електрична енергија двојно ќе се зголеми до 2050 година.
Напорите да се стави поголем акцент на обновливите извори во производството на електрична енергија и да се зголеми безбедноста на електричната мрежа ќе доведат до проширување на користењето на батериите низ светот.
Според извештајот, доколку во енергетскиот сектор продолжат сегашните трендови на политика и технологија, глобалната потрошувачка на енергија ќе се зголеми за приближно 50 % во периодот 2020 - 2050 година.
Во тој период, потрошувачката на течни горива ќе биде најголема во земјите на Азија кои не се членки на ОЕЦД. Брзиот раст на населението и економијата ќе биде меѓу главните фактори што ќе ја предизвикаат потрошувачката на течни горива во овие региони.
Во овие земји, во кои потрошувачката го надминува производството, ќе се зголеми и увозот на сурова нафта или нафтени производи.