Dilara Hamit
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
БАКУ (АА) - Азербејџан денес упати последно предупредување до Ерменија, која продолжува со нападите врз цивилните населби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за одбрана се вели дека азербејџанскиот округ Тертер од утрово е под напади на ерменските сили.
„Министерството за одбрана го упатува последното предупредување до Ерменија дека ќе бидат преземени соодветни возвратни мерки“, се нагласува.
Министерството сподели и воздушни снимки од уништувањето на ерменски тенкови и оклопни возила за време на судирите.
Пограничните судири избија вчера откако ерменските сили извршија напади врз азербејџанските цивилни населби и воените позиции во регионот, познат како Нагорно Карабах.
Односите меѓу двете поранешни советски нации се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу останатите, апелираат на итен прекин на судирите во окупираниот регион.