Faruk Zorlu
05 Октомври 2020•Ажурирај: 06 Октомври 2020
АНКАРА
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Ерменија мора да се повлече од окупираните азербејџански територии и да престане да соработува со терористичките организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ерменија мора да се повлече од азербејџанските територии кои ги окупираше, да стави крај на соработката со терористичките организации и да се ослободи од платениците и терористите од регионот Нагорно Карабах“, изјави Акар на онлајн прес-конференција со турските високи официјални претставници.
„Имајќи ги како цел цивилите, Ерменија извршува „воено злосторство“ на окупираната азербејџанска територија на Нагорно Карабах, што треба да го знаат сите“, нагласи тој.
„На ерменските власти, кои отворено ги напаѓаат невините цивили, со сигурност ќе им се суди во совеста на човештвото, на нивниот сопствен народ“, додаде тој.
Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.