Mücahit Oktay
02 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Актерот Алек Болдвин, во врска со несреќата во која загина директорката на фотографија, Халина Хачинс, за време на филмот „'Рѓа“ кој се снимаше во САД, изјави дека сам не го повлекол чкрапалото на пиштолот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Болдвин истакна дека во своето прво интервју по инцидентот на 21 октомври дадено за телевизијата „Еј-би-си“ (ABC) не признал дека тој го испукал куршумот што ја уби Хачинс.
Одговарајќи на прашањата на Џорџ Стефанопулос во врска со несреќата до која дојде за време на снимањето во американската сојузна државата Ново Мексико, Болдвин не можеше да ги задржи солзите и рече: „Јас не го повлеков чкрапалото. Никогаш не вперувам пиштол кон никого и не го повлекувам чкрапалото.“
Во промотивното видео од интервјуто кое во целост ќе биде објавено денеска, Болдвин, изјавувајќи дека не знае зошто вистински куршум се нашол на сетот и во пиштолот, изјави: „Сѐ уште ми е тешко да поверувам. Доживеаното ми изгледа како нереално.“
Претходно, во вестите објавени во американските медиуми беше наведено дека пиштолот што е користен на снимањето, на Болдвин му го дал помошникот режисер Дејв Холс.
Во судските списи за изјавата на Холс е забележано дека тој, подавајќи му го пиштолот на Болдвин, му рекол дека е „безбеден“, и дека не знаел оти во пиштолот имало боева муниција.
Актерот Алек Болдвин, на 21 октомври, за време на снимањето на филмот „'Рѓа“ во американската сојузна држава Ново Мексико, со пиштолот што го користел на филмскиот сет ја застрела 42-годишната директорка на фотографија, Халина Хачинс, а во истиот инцидент во рамото го рани 48-годишниот режисер Џоел Соуза.