Hasan Esen
02 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
ЛОНДОН (АА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп истакна дека упадот во Конгресот на 6 јануари не бил бунт, туку протест, а за тоа дали повторно ќе биде кандидат за претседател, одговори: „Ако ја сакате земјата, друг избор немате“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за британскиот канал „Џи-би њуз“ (GB News), кој е ориентиран кон радикалната десница, Трамп ги повтори своите тврдења дека изборите на 3 ноември што ги загуби се украдени со измами.
Запрашан дали беше грешка да се одржи митинг пред Конгресот три дена по изборите, Трамп рече: „Ако имало бунт, тоа се случи на 3 ноември, на денот на изборите, пред изборите и по изборите. За мене, тоа е бунт, а на 6 јануари беше протест.“
Истакнувајќи дека „за жал, се случија некои лоши работи“, Трамп рече дека сакал да бидат распоредени 10.000 припадници на Националната гарда, па дури и војска.
„Бидејќи знаев дека толпата ќе биде огромна, бев свесен за гневот поради местењето на изборите и јас го сфатив тоа подобро од било кој друг“, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател истакна дека неговото барање за обезбедување било одбиено од претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.
- „Друг избор немате“ -
На прашањето дали повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година, Трамп рече: „Ако ја сакате земјата, друг избор немате. Тоа не е прашање.“
Наведувајќи дека ја сака својата земја и дека ја донел на досега невидено ниво, за успехот на откривањето на вакцините, кој го припиша и на себе, рече:
„Очекуваа [откривањето на вакцината] да потрае 12 години и велеа дека тоа нема да вроди со плод. Работеа неверојатно добро. Направивме неверојатна работа.“
- „Хари ќе зажали“ -
Трамп зборуваше и за Меган Меркл, војвотката од Сасекс, сопруга на принцот Хари, снаа на кралицата Елизабета Втора.
Трамп, обвинувајќи ја Меркл за „непочитување“ на кралицата и на кралското семејство, рече: „Не сум нејзин обожавател. Не сум од првиот ден. Мислам дека Хари беше ужасно искористен и дека еден ден ќе зажали за тоа.“
Тврдејќи дека врската на принцот Хари со неговото семејство е уништена, Трамп рече дека кралицата е многу повредена.