Rabia İclal Turan
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара изјави дека Сирија и Израел биле близу до постигнување 90 отсто согласност во преговорите за безбедносна рамка, пред Израел да се повлече или да воведе дополнителни услови, јавува Анадолу.
„Имаше неколку рунди преговори со Израел и речиси постигнавме 90 отсто согласност“, изјави Ал-Шара вчера на панел на Атлантскиот совет во Њујорк, додавајќи дека Израел во тој момент се повлекол од договорот од „различни причини“.
„Од падот на поранешниот режим, Израел ги повторува своите напади и агресии против Сирија. Окупира нови територии“, рече тој, додавајќи дека Израел продолжува да врши упади, апсења и бомбардирања во Сирија.
„Сирија сепак избра да продолжи по дипломатски пат и да го реши тој проблем преку разговори и преговори“, додаде тој.
„Сè уште сме ангажирани во овој процес“, рече тој, „но треба да ги заштитиме безбедноста и правата на Сиријците. Пред тоа, не можеме да зборуваме за мир.“
Ал-Шара рече дека директните разговори со Израел започнале пред околу една година, при што Дамаск најпрво барал Израел да се повлече до линиите што ги држел во 1974 година, пред да се разговара за безбедносни аранжмани.
„Ако тие аранжмани бидат успешни, тогаш можеме да започнеме разговори за траен мир“, рече тој.
„Голанската Висорамнина е сириска територија според признавањето на Обединетите нации“, рече тој. „Затоа, нема дискусија за таа територија и кому му припаѓа.“
Тој, исто така, предложи формирање меѓународен комитет што ќе ги процени безбедносните грижи на Израел и ќе „провери што е само перцепција, а што се вистински грижи“.
Одговарајќи на прашање од публиката за признавањето од администрацијата на Трамп на израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, Шара раскажа за шегата што му ја упатил на американскиот претседател Доналд Трамп за време на средбата во Белата куќа: „Зошто не им го дадете Њу Џерси на Израелците? Вие не ја поседувате Голанската Висорамнина за да им ја дадете, но го поседувате Њу Џерси.“
Ал-Шара ја посети Белата куќа лани во ноември, што беше прва посета на сириски шеф на држава од независноста на земјата во 1946 година. Претходно се сретна со Трамп во саудискиот главен град Ријад во мај 2025 година, непосредно пред Вашингтон да ги укине санкциите според Законот „Цезар“.
- „Имав 13 години“ -
Одговарајќи на прашањето за странското воено присуство во земјата, Ал-Шара рече дека руските бази во Сирија се намалиле од околу 170 на две, кои биле „трансформирани“ во бази за обука на сириската Армија. Тој рече дека и турските бази на северозападот се движат кон „правен статус“ со поддршка од Народното собрание.
Брет Мекгурк, поранешниот координатор на американскиот претседател Џо Бајден за Блискиот Исток, му постави на Шара прашање во врска со 25-годишнината од нападите на 11 септември.
„Немав никаква врска со тоа. Во тоа време имав 13 години“, одговори Ал-Шара.
„Се разбира, жал ми е за сите жртви кои загинаа во Соединетите Американски Држави, како и за оние кои загинаа на Блискиот Исток поради политиките што таму беа спроведувани и поради кои настрадаа голем број луѓе“, рече тој.
„Вооошто не сме поврзани со она што се случи тогаш.“