Emre Gürkan Abay,Ali Cura
11 Ноември 2020•Ажурирај: 12 Ноември 2020
БАКУ
Азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, ги прими министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, командантот на Копнените сили, генерал Умит Дундар, и шефот на Турската национална разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу, Акар, Дундар и Фидан го посетија Баку, каде што се состанаа со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.
Истакнувајќи дека Азербејџан го одржал својот прв состанок по победата во Нагорно Карабах, Алијев рече: „Оваа средба секако се случува со моите браќа. Денес разговарав со претседателот Реџеп Таип Ердоган и се консултиравме за тоа што треба да се направи во иднина.“
Заблагодарувајќи ѝ се повторно на Турција за поддршката што ја даде за Азербејџан, Алијев рече: „Во операцијата што траеше 44 дена ја чувствувавме поддршката на братска Турција. Тоа што го видовме во Турција по потпишувањето на договорот за прекин на огнот, ги стопли нашите срца. Браќата Турци ја прославуваа оваа победа како да е нивна.“
Нагласувајќи дека благодарение на помошта од Турција зголемена е и нивната решителност, Алијев истакна дека по 30 години ослободени се нивните територии од окупација.
Алијев истакна дека со претседателот Ердоган разговарале за заедничкиот центар за контрола на прекинот на огнот, што ќе биде воспоставен меѓу Турција и Русија.
„Мислам дека ова е важен чекор. Сакавме во конфликтот во Нагорно Карабах, Турција и Русија да имаат еднаква улога и тоа го постигнавме денес“, рече Алијев.
Потсетувајќи дека е утврден временски распоред за повлекување на Ерменија од окупираните региони, Алијев додаде дека ќе биде корисно што побргу да се воспостави центар за контрола на примирјето.
- Честитки од Турција за Азербејџан
Министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу, на средбата уште еднаш ги пренесе честитките на претседателот Ердоган.
„Вашата победа е наша победа. Ви честитаме по повод оваа голема победа. Со вас како врховен командант, азербејџанската Армија на пријателот и на непријателот му покажа што може да направи, исто така ја покажа и моќта на турскиот човек“, нагласи Чавушоглу.
Нагласувајќи дека под водство на Алијев, во овој процес Азербејџан ја покажал својата моќ и на бојното поле и на маса, Чавушоглу додаде: „И покрај победите на бојното поле, покажавте големо лидерство конфликтот да биде решен по мирен пат со прекин на огнот, но за жал, Ерменија не ги искористи тие можности. Се надевам дека ќе научат лекција од тоа. Се надевам дека заедно со победата на бојното поле и другите територии на Азербејџан ќе бидат вратени за краток временски период.“