ЛОНДОН (АА) - Филип Лутер, висок истражувачки советник во Амнести Интернешнл, ги опиша снимките на Анадолу од затворот Седнаја во Сирија како „важен доказ“, засилувајќи ги претходните тврдења и наоди на организацијата за злосторствата извршени за време на соборениот режим на Башар ал-Асад, јавува Анадолу.
Снимката, која дава редок увид во еден од најозлогласените затвори во Сирија, ги потврдува наводите за систематско кршење на човековите права и воени злосторства пријавени од Амнести во 2016 и 2017 година.
Затворот Седнаја, контролиран од Министерството за одбрана на режимот, долго време е симбол на широко распространетите практики на тортура и егзекуција на режимот на Асад.
Извештајот на Амнести за 2017 година насловен „Кланица на луѓе“ (Human Slaughterhouse), детализираше систематски убиства и измачувања во Седнаја како дел од нападите врз цивилното население во Сирија. Во извештајот се заклучува дека таквите злосторства се дел од државната политика и се еднакви на злосторства против човештвото.
- Снимката на Анадолу ја обелодени просторијата за егзекуции -
Заменик генералниот директор и главен уредник на Анадолу, Јусуф Озхан, и неговиот тим го истражуваа затворот Седнаја, потпирајќи се на протечените информации и дијаграми од организациите за човекови права. Нивната истрага ги одведе во злогласната соба за егзекуција во таканаречената Бела зграда, идентификувана во меѓународните извештаи.
Тимот пристапи до локацијата преку изгорена врата во југоисточниот двор на зградата и се спушти во просторијата која се опишува во претходните дијаграми. Скиците од затворот и просторијата одговараа на затеченото, меѓу кои и две подигнати платформи и скали, наводно, користени за бесење.
Наодите на Амнести интернешнал од 2017 година открија дека егзетуторите ги извлекувале телата на затворениците и ја забрзувале смртта со кршење на нивните вратови, застрашувачки детал потврден од снимките на Анадолу.
- Интервјуа со притвореници, користење на 3Д моделирање, сателитски снимки -
Лутер, кој го надгледуваше истражувањето за извештајот за затворот Седнаја на Амнести објавен во 2017 година, говореше за извештајот и новите елементи откриени од сликите и снимките неодамна објавени од Анадолу.
Тој рече дека во процесот на подготовка на извештајот, прво ги консултирале сведочењата на поранешните притвореници, но сфатиле дека има „нешто необично“ во затворот.
Тој нагласи дека тортурата не се разликувала многу од другите притворни центри во Сирија, но дека е невообичаено тешко да се најдат поранешни затвореници кои го преживеале Седнаја.
По разговорот со затворениците, рече дека „сфатиле дека имало наводи за луѓе кои не можеле да го напуштат затворот бидејќи биле префрлани во друг дел од затворот од таканаречената Црвена зграда во таканаречената Бела зграда и масовно егзекутирани таму“.
Покрај интервјуата со поранешни затворски службеници, медицински работник кој влегол во затворот и судија вклучен во осудувањето на затворениците на смрт, при подготовката на извештајот биле користени и други методи како технолошки алатки, вклучувајќи сателитски снимки и 3Д моделирање.
„Потрошивме многу време собирајќи сателитски снимки од затворот и непосредната близина на затворот, каде што имаше гробишта, и откривме дека има копано нови ровови“, додаде тој.
Врз основа на она што го слушнале од затворениците, тој рече дека соработувале и со специјализирана истражувачка агенција за изработка на 3Д интерактивна визуелна макета на затворот.
Лутер рече дека со комбинирање на сведоштвата од затворот Седнаја со сателитските снимки, дошле до проценка на бројот на вонсудски убиства таму.
- Затворениците носени во Белата соба за егзекуција -
Лутер истакна дека затворот се состои од два главни дела: Црвена зграда и Бела зграда.
Тој рече дека Црвената зграда е поголема градба во која биле сместени политичките затвореници, кои биле сметани како закана за режимот. Белата зграда, од друга страна, првично била користена за сместување на воен персонал, но со текот на времето била користена за сместување на војници кои ја смениле страната во граѓанската војна.
На некои затвореници им било кажано дека во групи ќе бидат префрлени од Седнаја во цивилен затвор, но подоцна никогаш не биле пронајдени, посочи тој, цитирајќи поранешни затвореници.
Затворениците биле ставани во комбе и носени во Белата зграда, каде што биле одведени во подземна просторија. Во таа просторија, едно лице што седело на маса им кажувало на затворениците чии имиња биле на списокот, дека се осудени на смрт, рече Лутер.
Тој нагласи дека тоа е просторијата каде што затворениците за првпат слушнале дека треба да бидат погубени, а потоа биле носени на платформа, им била ставана јамка околу вратот, биле турнати од платформата и погубени со бесење.
- Снимката на Анадолу „важен доказ“ -
На прашањето како новата снимка направен од тимот на Анадолу може да влијае на одговорноста на оние кои биле соучесници во овие злосторства, Лутер рече: „Тоа е многу важен доказ и ги потврдува тогашните тврдења кои Амнести ги имаше уште во 2016, а особено во 2017 година“.
Тој рече дека сега е важно оние кои ги водат истрагите да подготват кривични случаи против одговорните за овие злосторства.
„Се надеваме дека ќе го погледнат тоа (снимките на Анадолу)“, додаде тој.
Истакна дека на снимките на Анадолу има расфрлани хартии околу собата за егзекуција во затворот Седнаја, кои може да содржат важни информации за злосторствата извршени од силите на режимот.
„Се надеваме дека дел од тоа е соодветно собрано, складирано и архивирано. Затоа што во некои од тие документи ќе има докази што ги поврзуваат злосторствата за кои зборувавме со поединци. И тоа, се разбира, е клучно за да можеме потоа да се направи случај и да се добие одговорност на индивидуално ниво“.
- Сирија не е дел од Римскиот статут „најголемата пречка“ -
Лутер се осврна и на влијанието на новите докази од затворот Седнаја врз меѓународните судски процеси.
Тој нагласи дека неучеството на Сирија во Римскиот статут е најголемата пречка за поднесување на такви случаи пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Рече дека Русија, еден „историски поддржувач на Сирија“, го искористи своето право на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации за да спречи ситуацијата во Сирија да дојде пред МКС.
Посочи дека ова не значи дека случаите не можат да се судат на друго место. Кога ќе се реформира судскиот систем во Сирија, таквите случаи би можеле да бидат изведени пред сириските судови или во националните судови на други земји, рече тој.
Лутер истакна дека може да се направи повеќе, потсетувајќи дека може да се користи меѓународниот механизам формиран од ОН.
За „непосредно време, тука може да се најде правдата, тука може да се бара правдата“, додаде тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
