Muhammed Emin Canik
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
БУЕНОС АИРЕС
Во Аргентина, јужноамериканска земја, илјадници луѓе протестираа против договорот на Владата за долгот од 44 милијарди долари со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), известува Агенција Анадолија (АА).
На повикот на левичарските политички групи и општествени организации, илјадници луѓе се собраа во главниот град Буенос Аирес, во центарот на градот, за да протестираат против Владата на претседателот Алберто Фернандез кој потпиша договор со ММФ.
Демонстрантите маршираа од центарот на градот до плоштадот „Маис“, кој се наоѓа пред претседателската зграда „Каса Росада“.
Од Владата тие бараа да ги прекине односите со ММФ. На протестите носеа транспаренти и извикуваа слогани.
На протестот присуствуваа и пратеници од левицата. Исто така, беше прочитано соопштение со кое се отфрла договорот на Владата со ММФ.
Од друга страна, Максимо Кирчнер, кој го предводи владиниот блок во Долниот дом на Конгресот, поднесе оставка по договорот на Владата постигнат со ММФ.
На 28 јануари Фернандез соопшти дека неговата Влада потпишала договор со ММФ и рече дека договорот ќе биде ратификуван и од Конгресот.
Аргентина, со население од повеќе од 44 милиони, го потпиша стенд-бај договорот од 57 милијарди долари во 2018 година, кој го вклучува највисокиот заем отворен во историјата на ММФ под водство на поранешниот претседател Маурицио Макри, и искористи 44 милијарди долари од фондот во овој контекст.