Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet,Ethem Emre Özcan
13 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
ИДЛИБ (АА) - Поранешни притвореници протестираа во северна Сирија, барајќи ослободување на затворениците што се наоѓаат во затворите на режимот на Асад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Многу жени, кои се ослободени откако беа притворени од страна на силите на Башар ал-Асад, се собраа пред Граничниот премин „Баб ал-Хава“ во подрачјето на Идлиб.
Жените ја повикаа меѓународната заедница да им ја даде соодветната помош на поранешните притвореници за да ги надминат тешкотиите.
Тие носеа транспаренти на кои пишуваше: „Спасете ги преживеаните притвореници“, „Слобода за притворениците“, „Си ја сакам мајка ми“ и „Општествена обврска е да се поддржат жените кои се ослободени од занданите на режимот“.
Салиха Ум Абдо побара од меѓународната заедница да ги спаси цивилите кои се во затворите на режимот.
Мерјем ал-Хамад од Дамаск, чии три деца сè уште се држат во затворите, рече дека стотици илјади цивили сè уште чекаат да бидат ослободени и дека демонстрантите се собрале за да биде слушнат нивниот глас.
„Ние сакаме сите мајки повторно да се обединат со нивните деца“, рече таа.
Најмалку 500.000 луѓе, вклучително и жени, се наоѓаат во затворите и притворните центри на Асад, според изворите на опозицијата.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна од почетокот на 2011 година кога режимот на Башар ал-Асад ги разби продемократските протести со неочекувана жестокост.
Во последната деценија, околу половина милион луѓе загинаа, а над 12 милиони мораа да ги напуштат своите домови.