Fatma Esma Arslan
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
ДАКАР (АА) - Ураганот Батсирај што ја зафати островската држава Мадагаскар во Индискиот Океан, досега одзеде 96 животи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Жан Брунел Разафинциандраофа, пратеникот од местото Иконго, на социјалните мрежи објави дека округот, кој се наоѓа во регионот Фитовинани на истокот од земјата, е целосно поплавен.
Разафинциандраофа истакна дека голем број куќи се уништени во подрачјето, а бројот на загинати се зголемил на 96.
Националното биро за управување со ризици и катастрофи, исто така, извести дека 70.355 луѓе се раселени поради ураганот Батсирај, кој во текот на викендот стигнал до источниот брег на земјата.
Градот Мананџари, оддалечен 530 километри од главниот град Антананариво, е најмногу погоден од ураганот.
Експертите наведуваат дека брзината на бурата достигнала 235 километри на час во крајбрежниот појас, а на копното се намалила на 110 километри.
Во тропската бура Ана, која го погоди Мадагаскар минатиот месец, животот го загубија 55 лица, а 110.000 луѓе беа принудени да се евакуираат.
Ураганот Ана, кој го зафати југоисточниот дел на Африка, беше причина за смртта на вкупно 78 лица во Мадагаскар, Мозамбик и Малави.