Ömer Faruk Yıldız
15 Април 2021•Ажурирај: 15 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Армијата што ја собори избраната Влада со воен удар во Мјанмар уби двајца демонстранти во градот Мандалај и заплени пари од донации собрани во џамија во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на веб-страницата „Мјанмар нау“ (Myanmar Now), Армијата на Мјанмар се обидела да приведе група јавни службеници кои вчера протестирале против пучот во областа Мјитигне во Мандалај.
По отпорот на демонстрантите, Армијата отворила оган врз толпата, при што две лица го загубиле животот.
Војниците истиот ден извршија рација во џамија во Мјитигне и ги ограбија донациите собрани од џематот на џамијата.
Со вчерашните починати, бројот на цивили убиени од оружената интервенција на безбедносните сили по пучот се искачи на 716.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.