AP
27 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
БАЛИ (АА) - Речиси 100.000 лица го напуштија подрачјето околу вулканот Агунг на индонезискиот остров Бали, поради стравувањето дека би можело да дојде до ерупција, по регистрираните стотици потреси на тлото во тоа подрачје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Агенцијата за управување со катастрофи соопштија дека денес повеќе од 96.000 лица го напуштиле подрачјето околу вулканот Агунг.
Во соопштението се наведува дека до денеска се регистрирани 800 земјотреси и оти вулканот започнал да исфрла чад во висина од 50 метри во воздух.
Портпаролот на Агенцијата за управување со катастрофи, Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека шансите за ерупција се многу големи, иако експертите тоа не можат да го предвидат со сигурност.
Вулканот Агунг претставува сѐ поголема закана, а поради сѐ поинтензивните сеизмички активности, надлежните агенции минатата недела прогласија највисок степен на предупредување во регионот.
Експертите предупредуваат дека во секој миг вулканот би можел да еруптира, а превентивната евакуација е со цел да се спречи трагедија како онаа во 1963 година, кога загинаа најмалку 1.100 лица.