Zeynep Rakipoğlu
17 Јануари 2020•Ажурирај: 19 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (AA) - Хилми Балџи, вработен во Агенција Анадолија (АА), кој е еден од четворицата приведени во текот на упадот кој египетската полиција го изврши на 14 јануари во канцеларијата на АА во Каиро, изјави дека меѓународните медиуми и институциите извршиле голем притисок и тоа донело резултат.
Балџи, кој се врати во Турција, во разговор за АА раскажа што се случувало овие денови во Каиро.
Како што рече тој ден, кога работното време било пред крај, до канцеларијата дошле тројца припадници на безбедносните сили.
„Заѕвонија, потоа прашаа кои сме и со која работа се бавиме. Откако прегледаа низ канцеларијата, извршија телефонски разговор. Стаса уште една група, а потоа уште една. Почнаа уште подетално да пребаруваат. Таа ноќ нас не однесоа на непозната локација за нас", рече Балџи.
Според него, наредниот ден, околу пладне, биле испрашувани во обвинителство. Таму, како што рече, биле присудни вршител на должност во турската амбасада, советник за медиуми, како и адвокат на амбасадата. Балџи наведува дека дури подоцна сфратил и дознал колкава поддршка им пружил турскиот народ, како и претседателот на земјата.
Балџи додава дека не му е кажано ништо за тоа кои се причините за упадот, единствено што му е кажано, откако се завршени сите процедури е дека мора да ја напушти земјата.
Потсети дека тројца вработени на АА сѐ уште не се пуштени и додаде: „Одлучено е тие да бидат пуштени на слобода со кауција. Желба ни е и тие што поскоро да излезат на слобода", рече Балџи.
Смета дека учеството на меѓународните медиуми и институции во овој случај придонело до поголем притисок.
„Процесите напредуваа со голема брзина. Му благодарам на Бога сѐ добро се заврши и се вративме во татковината", рече Балџи.
Шефот на канцеларијата на АА во Каиро Ајдоган Калабалик рече дека колегите му се јавиле половина час откако што излегол од канцеларијата и го известиле за сѐ што се случило.
„Заедно со господин Хилми беше уште една наша новинарка која ја пуштија. Некои информации дознавме и од нејзе. Ја претресле редакцијата, го блокирале интернетот, им ги одзеле телефоните на нашите колеги, ги прегледале компјутерите. Генерално, во потполност ја прекинаа нашата врска со надворешниот свет", рече Калабалик.
Додаде дека вршителот на должноста на Турција му рекол дека би било подобро да остане во зградата на амбасадата.
„Во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи во Египет се наоѓало и моето име. Кога вршителот на должност отишол во Министерството за надворешни работи, таму го прашале за мене"; рече Калабалик.
Тој додава дека е испрашуван во обвинителство, дека претходно на вршителот на должност му е загарантирано дека нема да има одредување притвор. По двочасовно испрашување, се упатиле директно на аеродром.
Калабалик од 2012 е на чело на АА во Египет, а истакнува дека оваа земја има проблеми кога станува збор за слободата на медиумите.
„Познато е дека Египет има проблеми со слободата не медиумите по 2013 година. Знаеме дека одредени новинари порано беа затворани. Постои изјава на претседателот Сиси кој, по случајот на новинарот на Ал Џезеира, рече дека за странските новинари е најдобра депортацијата. Кога вршителот на должност рече дека постои можност за депортација, тоа веднаш ми падна на памет. Меѓународните медиуми и организации даваат голема поддршка на слободата на медиумите и во овој случај дадоа поддршка на нашата агенција", рече Калабалик.
Потсетуваме, египетската полиција на 14 јануари изврши упад во канцеларијата на АА во Каиро, ги приведе и во непознат правец однесе четворица вработени, вклучувајќи и еден државјанин на Турција.
Полицијата при упадот во канцеларијата на АА ги исклучи безбедносните камери и ја прекина интернет врската. Полицајците до утринските часови вршеа претрес во канцеларијата, а од вработените се запленети пасошите, телефоните и компјутерите. Не им дозволуваа да контактираат никого надвор од канцеларијата. Египетските институции до сега не образложија поради што новинарите се приведени и каде се однесени.
Властите на Турција најостро го осудија тој чин на египетската полиција и бараат итно ослободување на приведените.
Упадот на египетската полиција и приведувањето на вработените на АА во Каиро го осудија и го следат бројни меѓународни институции и организации, вклучуваќи го и американскиот Стејт Департмент, Обединетите нации, Меѓународната федерација на новинари, Комитетот за заштита на новинари и Меѓународниот медиумски институт.