Ekipa
06 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ДАКА (АА) - Бангладеш е во финалната фаза за преместување на 100.000 бегалци Рохинџа на оддалечен остров, и покрај стравувањата на прогонетата заедница од Мјанмар дека би можеле да настрадаат при лоши временски услови на островот.
Имплементацијата на проектот на морнарицата на Бангладеш, под покровителство на Кабинетот на премиерот, со буџет од над 280 милиони долари, најверојатно ќе биде завршена до 2019 година.
Буџетот за овој голем проект на островот Басан Чар е целосно финансиран од Владата на Бангладеш.
Островот, чие име значи „пловечки остров“, се појави во Бенгалскиот Залив во 2006 година и е оддалечен од брегот на Бангладеш околу 30 километри.
Репортерот на АА успеа да го посети островот, на кој изградбата на речиси 1.440 големи објекти за домување е речиси завршена. Секој објект се состои од 16 соби, 6 тоалети, 4 бањи.
Вкупниот број семејни соби во кои може да се смести едно четиричлено семејство е 23.040, со легла за вкупно 92.160 лица.
Се планира изградба на вкупно 120 засолништа од циклони.
Со цел да се заштити островот од природни катастрофи, особено од поплави, се градат два насипа, со височина од 3 метри и должина од 13 километри.
За обезбедување чиста вода за пиење поставени се вкупно 1.680 цевни бунари, а изградени се и 260 резервоари за вода.
- Бегалците Рохинџа се плашат да се преместат на островот -
Повеќето од бегалците Рохинџа што живеат во импровизираните објекти во југоисточниот регион Кокс Базар во Бангладеш, се плашат да се префрлат на далечниот остров, за кој велат дека е често зафатен од природни катастрофи.
Мухамед Зафар Хусеин (32), бегалец кој престојува во кампот во Кутупаланг, за АА изјави дека нема да се префрли на островот Басан Чар: „Или ќе се вратам во мојата земја или ќе умрам овде, но нема да одам таму“, рече тој.
Гулзар Бегум (38) од истиот камп истакна дека нема проблем да се префрли на островот доколку Владата на Бангладеш им гарантира безбедност во услови на природни катастрофи.
Претставник на НВО кој работи на полето на развој на крајбрежните области на Бангладеш вели дека мирната репатријација е најдоброто решение за кризата, истакнувајќи дека префрлањето на островот Басан Чар е привремено решение за кризата, бидејќи животот во кампот во Кокс Базар е неподнослив.
- Прогонот на муслиманите Рохинџа од Мјанмар -
Муслиманите Рохинџа, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој од Онтарио (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџа се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 муслимани Рохинџа се фрлени во оган, додека над 114.000 други биле претепани“, се вели во извештајот на ОИДА, насловен како „Присилна миграција на муслиманите Рохинџа: Нераскажани искуства“.
Околу 18.000 жени и девојки се силувани од Армијата и полицијата на Мјанмар, а над 115.000 домови се запалени, а 113.000 се вандализирани.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 Рохинџ муслимани, од кои најмногу деца и жени, избегаа од Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година.
ОН документираа масовни силувања од страна на банди, убиства - вклучувајќи и убивања на бебиња и мали деца - брутални претепувања и исчезнувања извршени од страна на безбедносните сили на Мјанмар. Во извештајот, истражителите на ОН истакнаа дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.