Michael Gabriel Hernandez
15 Јануари 2025•Ажурирај: 16 Јануари 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден вечерва изјави дека е „длабоко задоволен“ што е постигнат долго недостижниот договор за ставање крај на 15-месечната израелска војна во опколениот Појас Газа, признавајќи дека Палестинците во крајбрежната енклава „минаа низ пекол“, јавува Анадолу.
„Немаше друг начин оваа војна да заврши освен со договор за заложниците, и јас сум длабоко задоволен што овој ден конечно дојде заради народот на Израел и семејствата кои чекаат во агонија, заради невините луѓе во Газа кои претрпеа незамисливо разгорување поради војната“, рече тој во изјавата дадена од Белата куќа.
„Палестинскиот народ помина низ пекол. Премногу невини луѓе умреа, премногу заедници се уништени. Со овој договор, народот на Газа конечно може да се опорави и повторно да се изгради. Тие ќе можат да гледаат кон иднината без Хамас на власт“, додаде тој.
Американскиот претседател ја претстави, како што рече, структурата на договорот составена од три фази. Започнува со период од шест недели во кој ќе биде воспоставен „целосен и комплетен прекин на огнот“ заедно со „повлекувањето на израелските сили од сите населени области во Газа и ослободувањето на голем број заложници држени од Хамас, жени и постари лица и ранети“.
Американците треба да бидат дел од тоа ослободување, што ќе биде возвратено со ослободување на стотици палестински затвореници од израелска страна. На Палестинците, исто така, ќе им биде дозволено да се вратат во своите населби „во сите делови на Газа“, а за тоа време ќе започне „наплив“ на многу потребната хуманитарна помош, рече Бајден.
Израел моментално држи над 11.000 палестински затвореници, додека се проценува дека 98 Израелци се држат во Газа. Хамас рече дека многу израелски заробеници се убиени во неселективните израелски воздушни напади.
Преговорите за „неопходните детали“ за втората фаза ќе се одржат во текот на почетниот шестнеделен период и прекинот на огнот ќе биде продолжен „се додека траат преговорите“, рече Бајден.
Втората фаза вклучува натамошна размена на притвореници за ослободување на преостанатите заложници кои се останати живи во Газа, вклучително и машки војници. Сите преостанати израелски сили ќе се повлечат од Газа во тој период, а привремениот прекин на огнот ќе стане постојан.
Во последната трета фаза ќе им се вратат на семејствата посмртните останки на сите заложници загинати во Газа, и почетокот на, како што рече Бајден, „голем план за обнова на Газа“.
„Ова е договорот за прекин на огнот што го претставив минатата пролет. Денес, Хамас и Израел дадоа согласност за тој договор за прекин на огнот и за целиот крај на војната“, рече американскиот претседател.
Прекинот на огнот доаѓа на 467-от ден од израелската неселективна воена кампања врз Газа, во која убиени се над 46.700 Палестинци, повеќето жени и деца, која започна по прекуграничниот напад предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година. Околу 1.200 луѓе загинаа во тој напад, а околу 250 други беа вратени од Газа како заложници.