Servet Günerigök
06 Јули 2023•Ажурирај: 06 Јули 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден и шведскиот премиер Улф Кристерсон се состанаа во Белата куќа и разговараа за низа прашања, вклучително и безбедносната соработка и кандидатурата на Шведска за НАТО, јавува Анадолу.
Бајден се состана со Кристерсон и ги „потврди силните врски“ меѓу двете држави, се вели во соопштението на Белата куќа.
Двајцата лидери ја истакнаа нивната заедничка посветеност кон продолжувањето на поддршката на Украина која се брани од Русија и координирањето на трансатлантските напори во врска со Кина.
„Претседателот Бајден и премиерот Кристерсон разговараа за нашето продлабочено билатерално партнерство во одбраната, меѓу кое и напредокот кон новиот договор за одбранбена соработка меѓу САД и Шведска“, се наведува во соопштението.
Бајден, исто така, „ја пофали улогата на Шведска како регионален осигурител на безбедноста и ја нагласи неговата посветеност кон приемот на Шведска во НАТО колку што е можно поскоро“, се додава.
Двајцата лидери разговараа и за климатските промени, како и за поставување безбедна телекомуникациска инфраструктура во одредени земји.
„Лидерите се обврзаа на продлабочување на заедничкото истражување во напредните 6G телекомуникации“, се истакнува во соопштението на Белата куќа.