Servet Günerigök
22 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на луѓе што живеат на улиците во Соединетите Американски Држави (САД) во 2019 година се зголеми за 2,7 отсто, покажуваат податоците на Министерството за домување и урбан развој, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 567.715 лица искусиле бездомништво во една ноќ, што претставува зголемување од 14.885 во однос на 2018 година.
„Бездомништвото меѓу ветераните и семејствата со деца продолжува да се намалува, паѓајќи 2,1 отсто, односно 4,8 отсто, во 2019 година“, се вели во соопштението на Министерството.
Порастот на процентот на бездомност во САД е претежно поради значителниот пораст на незгрижените бездомници и долготрајната бездомност на Западниот Брег на САД, особено во сојузните држави Калифорнија и Орегон.
Дваесет и девет сојузни американски држави и главниот град Вашингтон забележаа пад на бездомноста помеѓу 2018 и 2019 година. Бројот на бездомници пак, е зголемен во 21 американска држава.
„Бездомноста бележи пораст во Калифорнија за 21.306 лица, или 16,4 отсто, што претставува повеќе од целокупниот пораст на национално ниво“, се истакнува во соопштението.
Американскиот секретар за домување и урбан развој, Бен Карсон, предупредува дека бездомништвото во Калифорнија е на кризно ниво и дека на тоа лидерите треба итно да се посветат.
„Решавањето на овие предизвици бара поширок одговор во рамките на целата заедница, кое ќе го ангажира секое ниво на власт за сочувствително сместување на нашите сограѓани кои улиците ги нарекуваат свој дом“, рече Карсон.