Yusuf Hatip
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
БРИСЕЛ (АА) - Група активисти во белгискиот главен град Брисел одржаа протест со „тишина“ по повод 70 години од Накба, денот кој Палестинците го одбележуваат на 14 мај, односно, Денот на големата катастрофа која го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ од основањето на државата Израел на палестинска територија, јавува Anadolu Agency (AA).
На плоштадот „Плаза де ла Моне“ се собраа околу 50 белгиски активисти, а на протестот, на хартија ги испишаа имињата на 500 палестински села уништени од страна на Израел. Потоа хартијата ја спуштија на земја и формираа „круг на тишината“ околу неа.
Некои од учесниците, исто така запалија свеќи за палестинските жртви, а потоа со молчење го изразија своето незадоволство по повод страдањата во Палестина.
Една од организаторките на денешниот собир, Жули Годисиебоа, за новинарот на АА изјави дека целта на денешниот собир во Брисел е да се прати порака за единство на сите Палестинци, по повод 70 години од Накба.
„Вчерашните настани во Газа уште еднаш покажаа дека Израел мора да ги почитува одредбите на Меѓународното право“, порача Годисиебоа.
Годисиебоа додаде дека слични протести се одржувале на уште 12 локации во Белгија.