Kasım İleri
22 Април 2022•Ажурирај: 24 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на американското Министерство за одбрана (Пентагон), Џон Кирби, истакна дека беспилотните летала „Фекинс гоуст“, кои ќе ѝ бидат дадени на Украинската армија, почнале да ги развиваат пред руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тактичкиот беспилотен воздушен систем „Фекинс гоуст“, првпат беше споменат во пакетот оружје на американскиот претседател Џо Бајден, вреден 800 милиони долари, што требаше да ѝ биде доставен на Украина.
На дневната прес-конференција портпаролот на Пентагон се осврна на вооружениот систем кој бил брзо развиен од страна на американското воено воздухопловство за посебните потреби на Украина.
„Системот „Фекинс гоуст“ очигледно беше во развој пред инвазијата. Воздухопловните сили работеа на тоа во консултација со Украинците. Мислевме дека овие системи ќе ги задоволат нивните потреби, особено во источна Украина“, рече Кирби.
Наведувајќи дека ќе продолжат да го развиваат овој систем, Кирби додаде дека овие системи се дизајнирани за тактички цели како напаѓање и следење на бојното поле.
Портпаролот, исто така, истакна дека овие системи најверојатно ќе ги користат и американските воздухопловни сили.