Mohammad Sıo
04 Октомври 2024•Ажурирај: 05 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Бројот на загинати во израелските напади врз Либан од 8 октомври 2023 година достигна 2.011, а најмалку 9.535 луѓе се повредени, соопштија денес либанските власти, јавува Анадолу.
Во извештајот на Единицата за менаџирање на ризици од катастрофи, официјалните претставници рекоа дека само вчера (четврток) со околу 153 израелски воздушни напади и гранатирања биле таргетирани различни области низ Либан, првенствено јужните региони и јужните предградија на Бејрут. Во нападите убиени се 37 лица, а 151 се повредени за само еден ден, со што се зголеми бројот на жртви по ескалацијата на конфликтот минатиот месец.
Бројот на официјално регистрирани раселени лица кои се засолнети во владините центри, исто така, се зголеми на 172.100, распоредени низ 931 објект на национално ниво. Меѓутоа, кога се земаат предвид оние кои побарале засолниште кај роднините или се преселиле самостојно, вкупниот број на раселени лица надминува 1,2 милиони, според претходните податоци на либанската влада.
Израел ги интензивираше воздушните напади врз, како што рече, позиции на Хезболах низ Либан од 23 септември, при што либанското Министерство за здравство извести за над 1.100 убиени во овие напади.
Големото израелско бомбардирање е ескалација на тековниот конфликт меѓу Израел и Хезболах, предизвикан од бруталната офанзива на Тел Авив врз Газа, која однесе над 41.800 животи, пред сѐ жени и деца, по нападот на Хамас минатата година.
Меѓународните фактори изразија загриженост дека израелските операции во Либан би можеле да го прошират конфликтот во Газа во поширока регионална војна.