Ekipa
06 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
ДАКА (АА) - Шест нови жртви го зголемија бројот на загинати во поплавите во Бангладеш на 257, а населението се соочува со големи тешкотии во услови на пандемијата на коронавирусот и загуби во земјоделството и одгледувањето риби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од вкупниот број починати 212 се удавени, 27 починаа од каснување од змија, 15 починаа од гром, додека тројца ги загубија своите животи од други болести, извести Центарот за здравствени ургентни операции при Министерството за здравство.
Понатаму, 78.000 луѓе се заразени со болести кои произлегуваат од нечиста вода, вклучувајќи околу 800 нови инфекции, откако земјата беше сведок на една од најтешките поплави во својата историја.
Околу 26.500 луѓе во подрачјата погодени од поплавите страдаат од дијареја, а едно лице починало, се додава од Центарот.
Обилните дождови во соседна Индија при секој монсун од јуни до септември додатно предизвикаа огромен прилив во Бангладеш.
Одборот за управување со води на Бангладеш соопшти дека нивото на надојдената вода во сливот на реката Ганг започнало да се намалува.
Центарот за предупредување истакна дека состојбата со поплавите се подобрува, дека главните реки течат под нивото на опасност на 29 точки и над нивото на опасност во само една точка.
Метеоролшкиот завод на Бангладеш предвидува слаб дожд и грмежи придружени со привремен засилен ветер.
Поплавите уништија земјоделски производи во вредност од 156 милиони долари оваа година заклучно со август, според Министерството за земјоделство. Покрај тоа, рибарите на крајбрежните региони исто така се соочија со огромни загуби поради поплавите.