Muhammed Emin Canik
04 Март 2022•Ажурирај: 08 Март 2022
БУЕНОС АИРЕС (АА) ‒ Бројот на загинати од обилните дождови и одрони од кал во бразилската држава Рио де Жанеиро се искачи на 232, соопштија денеска властите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Националниот систем за цивилна одбрана и заштита, 232 лица во градот Петрополис ги загубиле животите во поплавите и одроните од кал предизвикани од обилните врнежи, додека други 5 се водат како исчезнати, а 1.007 лица се сместени во засолништа.
Во многу делови од градот, на 15 февруари дојде до лизгање на земјиштето поради обилните дождови.
На снимките од локалните медиуми повторно се прикажани поплавени улици од излеаните реки во делови од Петрополис, каде што беа забележани обилни дождови.
Гувернерот на државата Рио де Жанеиро, Клаудио Кастро, рече дека регионот бил изложен на најсилните врнежи од 1932 година.
„За само шест часа, Петрополис го достигна количеството дожд, што би се очекувало за еден месец“, соопштија властите.
Повеќе од 900 луѓе загинаа во трагедијата предизвикана од поплавите во градот во 2011 година, а над 100 други исчезнаа.