Muhammed Emin Canik
16 Јуни 2022•Ажурирај: 17 Јуни 2022
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Бразилската Федерална полиција соопшти дека во Амазонија се убиени британскиот новинар Дом Филипс, кој е исчезнат од 5 јуни и експертот за домородните народи, Бруно Переира, кој му бил водич, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Александре Фонтес, шефот на Сојузната полиција на државата Амазон, на прес-конференција истакна дека приведениот Амарилдо де Коста Переира признал дека ги убил новинарот Филипс и неговиот придружник Переира.
Наведувајќи дека остатоците од пронајдените тела ќе бидат испратени во главниот град Бразилија на судско вештачење, Фонтес рече дека засега не е можно да се открие причината за смртта на британскиот новинар и експертот, поради доверливоста на истрагата која е во тек.
Фонтес нагласи дека наодите укажуваат дека Филипс и Переира се убиени со огнено оружје, но точната причина за смртта ќе биде утврдена со истрагата.
- Исчезнување на Филипс и Переира -
Дом Филипс (57), кој работи за британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian), отпатувал во регионот за да напише книга за домородните народи во Амазонија. Новинарот Филипс и неговиот водич Переира, 41-годишниот експерт во Националната домородна фондација поврзана со Владата, беа исчезнати од 5 јуни.
Филипс и Переира последен пат се видени на 4 јуни кај реката Итакваи во долината Јавари, на бразилската граница со Колумбија и Перу, област што е позната по работата на шверцери на дрога, илегални рудари и ловокрадци.
Познато е дека искусниот новинар Филипс, кој во Бразил работи околу 15 години, претходно добивал закани поради неговите активности за заштита на Амазонија.