Aysu Biçer
16 Април 2025•Ажурирај: 17 Април 2025
ЛОНДОН (АА) - Британската полиција започна истрага за вандализмот на 85 гробови, од кои многу припаѓаат на бебиња и мали деца, на муслиманскиот дел од гробиштата Карпендерс Парк Лаун во Вотфорд. Случајот се третира како исламофобичен акт на омраза, јавува Анадолу.
Според соопштението од полицијата на Хертфордшир, оштетувањето било откриено од страна на ожалостено семејство за време на посета на гробиштата, и предизвикало шок и длабока вознемиреност во локалната муслиманска заедница.
Полицијата соопшти дека во областа се распоредени дополнителни патроли и ги повика граѓаните што имаат информации или евентуални сведоци да се јават и да помогнат во истрагата.
Инспекторот Вил Роџерс-Овери изјави дека раководството на полицијата е во постојана комуникација со лидерите на заедницата за да обезбеди поддршка за погодените семејства.
„Во наредните денови ќе продолжиме со директна комуникација со муслиманската заедница, која е особено погодена од овој ужасен чин“, рече тој.
Компанијата „Wadi Funeralcare“, која обезбедува погребални услуги за многу муслимански семејства во регионот, го опиша вандализмот како „срцепарателен“ и додаде дека некои од гробовите биле предмет на „неописливи акти на непочитување“.
Иако гробиштата Карпендерс Парк Лаун се наоѓаат во Вотфорд, тие се во сопственост и под управување на Општината Брент.
Градоначалникот на Брент, Мухамед Бат, го осуди нападот нарекувајќи го „можен чин на исламофобична омраза“.
„Се чини дека муслиманските гробови се цел на ова што изгледа како акт на омраза. Нашите мисли се со семејствата чии гробови беа осквернавени. Штом заврши полициската истрага, ќе ги обновиме оштетените плочи со имињата и ќе ги вратиме гробиштата во достојно место за спомен и почит“, изјави Бат.
Советникот од Конзервативната партија, Абас Мерали, од Општината Три Риверс, го нарече вандализмот „варварски чин“ кој, како што рече, предизвикал „огромна болка кај ожалостените семејства и длабоко ја повредил целата заедница“.