Muhammet İkbal Arslan
04 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
ЛЕФКОША (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, истакна дека како земја целосно ќе ја играат својата улога во помагањето за решавање на кипарското прашање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според грчкиот печат, Раб престојувал во посета на администрацијата на кипарските Грци пред неофицијалната конференција „5 + 1 за Кипар“, која се планира да се организира под раководство на Обединетите нации (ОН) и на која ќе учествуваат земјите гаранти.
Раб најпрво се состана со лидерот на администрацијата на кипарските Грци, Никос Анатасијадис, а подоцна се состана и со министерот за надворешни работи, Никос Христодулидис.
Министерот Раб, по средбата со Христодулидис потсети дека Велика Британија е земја која решава проблеми, еден од гарантите на островот, и дека е постојана членка на Советот за безбедност на ОН.
„Во исто време, ние долго време сме пријатели на луѓето на Кипар. Сакаме да видиме дека трајно ќе завршат поделбите во Кипар. Ние како земја целосно ќе ја одиграме нашата улога во помагањето за решавање на кипарското прашање“, нагласи министерот Раб.
Раб исто така истакна дека можноста што ја нуди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, конференцијата „5 + 1 за Кипар“, треба да ја искористат сите страни.
Меѓу другото, министерот Раб наведе дека конференцијата предводена од ОН е можност за двете заедници во Кипар да имаат корист, а исто така и да се зголеми регионалната стабилност.
„Апелирам до страните да дојдат на разговорите со желба да покажат флексибилност и компромис“, додаде Раб.
Британскиот министер додаде дека Велика Британија ќе работи со народот на Кипар и ОН за решавање на кипарското прашање и за обезбедување праведен и траен мир на островот.