Ahmet Gürhan Kartal
17 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
ЛОНДОН (АА) - Во новиот извештај на Фондацијата Резолуција се предупредува дека британските домаќинства ќе се соочат со значително повисоки цени доколку не се направи трговски договор со ЕУ пред Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
Предупредувањето доаѓа истиот ден кога инфлацијата на Велика Британија достигна три отсто – највисоко ниво во последните пет години.
Денешниот извештај од Фондацијата Резолуција (Resolution Foundation), лондонски истражувачки центар, тврди дека годишното трошење за просечното британско семејство може да се зголеми за околу 260 фунти (345 долари).
Доколку Велика Британија не успее да обезбеди трговски договор со нејзиниот најголем трговски партнер, новите цени на производите на ЕУ како облека, обувки, пијалаци и тутун ќе се зголемат на 10 отсто.
Тарифите на млечните производи би можеле да се зголемат за 45 отсто, а месните производи за 37 отсто, се вели во извештајот во кој се додава дека сите зголемувања ќе се одразат во потрошувачките цени.
„Некои домаќинства би се соочиле со значително повисоки цени; 3,2 милиони домаќинства ќе забележат зголемување на цените од 500 или повеќе фунти“, се предупредува во извештајот.
„Исто така, постои доказ дека посиромашните домаќинства и помалку богатите делови во земјата ќе бидат потешко погодени“, се додава во извештајот.
- Инфлација -
Според новите податоци од Службата за национална статистика на Велика Британија, индексот на потрошувачките цени во април 2012 година изнесуваше 3 отсто.
Стапката на инфлација порасна, со зголемувањето на цените на транспортот и на исхраната, поради неизвесноста околу идните трговски односи меѓу Велика Британија и ЕУ по Брегзит, предвиден за март 2019 година.
Порастот на инфлацијата ја зголемува веројатноста за зголемување на каматните стапки следниот месец.
Економските предупредувања доаѓаат во период на стагнација на преговорите за Брегзит. Разговорите меѓу Велика Британија и ЕУ треба да бидат забрзани во текот на наредните месеци, се вели во заедничката изјава по вечерата во Брисел, на којашто присуствуваа британската премиерка Тереза Мај и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.
Меј го посети Брисел во последниот обид да ги убеди лидерите на ЕУ да се согласат дека е постигнат доволен напредок во преговорите за Брегзит.
„Британската премиерка и претседателот на Европската комисија го разгледаа напредокот постигнат во преговорите од членот 50 и се согласија дека овие напори треба да се забрзаат во текот на наредните месеци“, се вели во вчерашната заедничка изјава.