Ekip
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
АЧЕХ (AA) – Напуштениот брод во Пунге Бланг Кат во Индонезија веќе подолго од 12 години немо сведочи за една од најстрашните катастрофи што се случи кон крајот на 2004 година, кога силниот земјотрес предизвика цунами во Индискиот Океан, јавува Anadolu Agency (AA).
Бродот ПЛ ТД Апунг 1, некогаш пловечки генератор на електрична енергија, сега се наоѓа во покраината Ачех, на место оддалечено повеќе од пет километри од брегот, од каде што го донесе силното цунами на кобниот 26. декември 2004 година. Станува збор за пловило тешко 2.600 тони, кое и денес потсетува на катастрофата во која животот го загубија најмалку 230.000 лица.
И рибарскиот чамец на покривот од една куќа во селото Ламуло, исто така во покраината Ачех, е еден од многубројните сведоци што потсетуваат на катастрофата. Чамецот и понатаму се наоѓа на покривот од куќата оддалечена неколку километри од океанот.
Кон крајот на 2004 година, земјотрес со јачина од 9,1 степени според Рихтер ја погоди Индонезија и предизвика големи бранови, односно цунами коешто го погоди појасот од Суматра до Сомалија во Индискиот Океан.
Земјотресот регистриран како трет најсилен земјотрес, траеше речиси десет минути, а повеќе од 230.000 лица загинаа во 14 соседни земји.
Најтешко погоден регион беше Ачех, индонезиска покраина на северниот остров Суматра, каде што брановите од цунамито беа високи и до 30 метри.